Овие избори по многу нешта беа историски уште пред првите гласачи да ги испратат своите гласачки ливчиња по пошта кон крајот на септември. Од едната страна беше кандидатка, која во својата личност ги опфаќаше сите атрибути на модерен либерален политичар, што беше дополнително засилено со нејзиниот пол и етничката припадност. Камала Харис за демократите на хартија беше идеалниот кандидат. По втор пат американските гласачи имаа можност да ја изберат првата жена претседател на земјата, и да го пробијат, како што го нарече Хилари Клинтон во 2016 година, стаклениот покрив. Камала Харис на крајот беше убедливо поразена.
Но, по втор пат тоа беше споречено од истиот политичар кој се покажа имун на било какви политички афери, испади и катастрофални политички одлуки. Доналд Трамп, покрај тоа што се покажа како политички неуништлив, во исто време станува најстариот претседател, првиот кривично осуден претседател и првиот претседател по Гровер Кливленд во втората половина на 19 век, кој освоил втор мандат откако бил поразен на изборите за реизбор. ЏД Венс пак е најмладиот потпретседател и првиот миленијалец кој бил избран за функцијата.
Камала Харис и Доналд Трамп претставија две различни визии за иднината на САД, но избирачите повеќе се приврзаа за таа на Трамп. Економијата и нелегалната миграција се покажаа како главните две прашања за Американците.
„И на национално ниво, и во клучните свинг држави поранешниот претседател ја доби мнозинската поддршка меѓу гласачите кои беа загрижени за економијата и посакуваат построго обезбедување на границите. Овие прашања се покажаа како поважни од другите, како иднината на демократијата и правото на абортус, кои пак беа поголеми приоритети за гласачите на Харис, но не беа доволно за да и ја донесат победата“ изјави Ешли Кирзингер – Фондација Кајзер.
Победата на Републиканците може да биде уште поголема ако по освојувањето на Сенатот успеат да го задржат и мнозинството во Претставничкиот дом. Милиони гласови таму остануваат непребројани и ќе поминат денови пред да бидат познати конечните резултати. Долниот дом на Конгресот е важен за администрацијата која е на власт и за имплементирањето на нејзините изборни ветувања. Токму поради тоа, Претставничкиот дом останува единствена надеж на Демократите да го зачуваат образот по овие избори, во кои влегоа прилично самоуверено, а сега им се заканува катастрофален пораз.