Објавата дека почнува реализирањето на изборното ветување на „Вреди“ за посебна Академија на науки и уметности базирана на национална основа, не е прифатливо за поголемиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ. Потенцираат дека МАНУ е „единствена институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници“.
„Критериум за членство во Академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира. Нè радува фактот што партиите на Албанците во власта бараат место за Албанците во науката. Ќе ги адресираме сите проблеми и предизвици во интерес на заедничката држава и заедничкиот патриотизам, но никако на штета на заедничките институции туку во нив“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Изет Меџити, кој е еден од лидерите на „Вреди“, смета дека никој не треба да се плаши од желбата на Албанците за наука. Едно од можните решенија за статусот на оваа Академија го гледа во рамки на сегашната МАНУ.
„Можеби тоа ќе биде решение. Но и МАНУ треба да ги отвори вратите. Ќе поставам реторичко прашање: Зошто во Ману нема вработено ниту еден Албанец? 2024 година! Дали втората заедница нема луѓе за во МАНУ? Ова е предизвик, го отвараме прашањето и заедно треба да најдеме решение. Се додека граѓаните на оваа земја, без оглед на етничката припадност, бараат школување, да бидат вклучени во академската сфера, во научните истражувања, треба да бидеме среќни бидејќи тоа е инвестиција во иднината на оваа држава“, изјави Изет Меџити од „Вреди“.
„Понижување на албанскиот народ, срам за интелектуалците и за нацијата!“, реагираше опозициската ДУИ. Потсетуваат на нивниот предлог со закон да се подобри застапеноста на Албанците во МАНУ, наместо вакви, како што велат, „општински импровизации“.
„Наместо да го преземат претседателството со државната Академија за науки и уметности, да создадат простор за повеќе академици, да гласаат за законот за правична застапеност во МАНУ што ние го предложивме а тие го блокираа заедно со ВМРО-ДПМНЕ, тие дојдоа до „големата општинска идеја“ што уште повеќе ги понижува Албанците“, се вели во соопштението од ДУИ.
Синоќа, лидерите на „Вреди“ објавија дека почнува институционализирање на Академија на Албанците за наука и уметност во градот на универзитетите, Тетово. За нив, тоа е важен чекор за интелектуалниот и културниот напредок на Албанците. Првично, ќе биде финансирана од општините.
„Во почетокот, сите општини што се расположени да помогнат, ќе помагаат за основање на оваа Академија. Потоа ќе се донесе закон. Со тој закон ќе може да се авансира Академијата што Албанците во Република Северна Македонија ја заслужуваат, рече секретарот на здружението „Академија на Албанците за наука и уметност“, вели Зеќир Кадриу.
Здружението бара јавен простор и финансии за научно-истражувачка работа во сферата на албанологијата, културата и посебностите на Албанците.
Соња Николовска