Вести Македонија Топ вести

Опремата за прислушување фаќа прашина – Законот за Финансиска полиција заглавен во Собранието

Измените на Законот за финансиска полиција, кои беа дел и од реформските препораки на Прибе, скоро три години се заглавени во Собранието. Измените треба да ѝ овозможат на Финансиската полиција да прислушува осомничени за финансиски криминал и ја ѝ ја олеснат работата.

Според информациите на Телма, опозициската ВМРО-ДПМНЕ прво го кочеше законот поради случајот „Делчевски ниви“, кој Финансиската полиција го отвори против луѓе блиски до партијата. Случајот сега пропадна откако сведоци го промениле исказот.

Во опозицијата велат дека главен проблем им е членот кој предвидува поранешните директори, кои доаѓаат од редовите на Управата за финансиска полиција, да останат на раководна позиција во Управата и по завршувањето на мандатот. Друг проблем им е примањето на финансиски полицајци без безбедносни проверки.

„Сите коишто ќе се вработат треба да имаат извршено соодветна безбедносна проверка, а раководните лица не треба да си даваат одредена поволност да се враќаат на највисоките места под директорското, односно како помошници директори по завршувањето на мандатот или по нивното разрешување. Ние имаме четири амандмани на тие членови, имавме неколку пати контакти со раководните лица и со вработени лица од Финансиската полиција. Нашите забелешки се јасни, чекаме еве веќе три години да се произнесат за тие забелешки дали ги прифаќаат или не. Доколку ги прифаќаат, ние ќе го отвориме тоа прашање на комисиите и соодветно на тоа би можеле да поддржиме такво законско решение“, вели Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Во Финансиската полиција велат дека е логично некој што бил способен да ја води целата Управа, да може да биде и раководител на сектор. Од друга страна, безбедносни проверки се предвидени во други закони.

Директорот на Финансиската полиција Горан Иванов, во кус телефонски разговор за Телма, вели дека ако навистина се проблем само четирите амандмани, тогаш се чекор поблиску до донесување на Законот.

„Ние сме спремни да разговараме за амандманите“, вели тој.

Измените на Законот се доставени во Собранието уште во јануари 2021 година.

Според информациите на Телма, Американската амбасада веќе има донирано опрема за следење на комуникациите во вредност од 350 илјади долари, но таа фаќа прашина зашто Финансиската полиција нема законска можност да ја користи.

Владата уште во реформскиот „План 3-6-9“ од 2017 година, како дел од напорите за борба против корупцијата и организираниот криминал, наведува дека ќе им овозможи пристап и персонал на Финансиската полиција и на Царинската управа за следење на комуникациите. Поминаа шест години, но од пристапот нема ништо.

Според препораките на Прибе, можност за прислушување треба да имаат МВР, Финансиската полиција и Царината, но опремата ќе биде во Оперативно-техничката агенција (ОТА). Законот за следење на комуникациите го предвидува ова, но другите закони сè уште не се усогласени со таквата можност.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе