Демократски сојуз и денеска реагира со барање да биде објавен договорот меѓу Владата и американско – турската компанија „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д со цел како што велат да се спречи грабеж на столетието.
Бараат тој да биде предмет на стручна анализа и јавна расправа, особено што причина за законските измени се обврските вградени во договорот и прифатени од преговарачите и Владата.
– Криењето на договорот од јавноста, експертите и од пратениците, само ги засилува сомнежите и веќе изнесените информации, дека тој овозможува коруптивни активности и претставува своевиден ГРАБЕЖ НА СТОЛЕТИЕТО. Демократскиот сојуз ги повикува сите пратеници да отфрлат продолжение на расправата по законите во скратена постапка и да инсистираат за нив да се расправа во редовна и јавна дискусија, откако зад законите ќе застане Владата, а не група пратеници. Доколку продолжи мајоризацијата на ДУИ и СДСМ, тогаш ќе предложиме имплементацијата на договорот да се одложи преку измена на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10 д, велат од партијата.
Од ДС додаваат дека доколку и натаму главна улога има Артан Груби, претходно како координатор на Комитетот за преговори при склучување на договорот со „БЕХТЕЛ и ЕНКА“, а сега како Координатор за спроведување на договорот, кој тврди дека договорот е „тајна и никогаш нема да се објави“, можно е земјава да остане и без пари и без автопати.