ССМ и КСС со дијаметрално спротивни аргументи и ставови по најавата на Владата дека минималецот ќе се покачи во март идната година а покачувањето ќе биде според пресметката утврдена со формула. За едните неприфатливо е зголемувањето да биде околу 1.600 денари и тоа во март другите пак сметаат дека тоа е законското решение и дека треба да се почитува.
Од ССМ ги презентираа резултатите од анкета спроведена минатата недела околу зголемувањето на минималната плата која покажува дека огромно мнозинство сметаат дека минималецот треба да изнесува 600 или 700 евра и дека доколку минималецот не се покачи согласно барањата треба да се протестира или да се штрајкува.
- „Ставот на работниците е дека 45,2 проценти од работниците во Македонија сметаат дека минималната плата треба да се зголеми на најмалку 600 евра а над 700 евра минималец сметаат дека треба да биде 45,2 проценти од испитаниците или некаде околу 85 проценти од работниците во Македонија сметаат дека минималната плата треба да се движи меѓу 600 и 700 евра“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
КСС пак велат дека се задоволни од социјалниот дијалог кој резултирал со покачување на платите и дека треба да се почитува законската процедура, не само за минималецот туку за сите плати и пензии.
- „Ние имавме пет шест години каде што само популистички се качуваше минималната плата а другите остануваа исти и така се создаде една компресија кај платите. Сега имаме покачување или усогхласувањ3е на сите плати. Секогаш ние го бараме тоа. Кога ќе се покачи минималната плата бараме да се усогласат сите плати. Во овој момент имаме спогодби со Владата со министерствата со работодавачите во цел јавен сектор до 2028 година и мислам дека во тој дел од социјалниот дијалог сме задоволни“ – Благоја Ралповски, претседател на КСС.
Трендафилов е дециден дека растот на минималната плата ќе ја покачи инфлацијата не е точно и додава дека повисоки плати ќе ги задржат работниците во Македонија и ќе ја засилат економијата.
- „Не држат вода изговорите дека со зголемување на минималната плата ќе се намали бројот на вработени или ќе се затвораат компаниите. Податоците од 2022 година до денес кои ги извадивме од надлежните регистри, покажуваат дека со растот на минималната и сите останати плати на секоја една затворена компанија се отвораат две нови компании“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Од ССМ повторија дека секаде во регионот минималните плати од 1 јануари ќе бидат најмалку 500 евра и дека во голем дел од соседните држави се применуваат предлозите на ССМ како на пример субвенционирање на придонесите на дел од покачувањето на минималецот.
Од КСС пак велат дека имаат забелешки на методологијата на Владата при креирањето на просечната потрошувачка кошничка кои ќе ги презентираат на следниот состанок на ЕСС кој треба да се одржи до крајот на месецов.
Министерот за економија Дурмиши вчера соопшти дека анализите на економија и на Владата покажале дека доколку го прифатат барањето на ССМ за покачување на минималецот на 500 евра ќе влијае на инфлацијата а поради стабилната стапка на инфлација, која инаку е 4,5 проценти споредена со истиот период минатата година, нема да се активираат и краткорочните мерки односно празничните потрошувачки кошнички.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.
