Одлуката за иден борбен воздушен систем – ФЦАС (Future Combat Air System), заедничка европска иницијатива за воздушна одбрана, се одложува до крајот на годинава, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Темата, околу која Берлин и Париз не се согласуваат, нема да се дискутира на германско-француските владини консултации оваа недела, додаде тој.
Системот, во кој е вклучена европската одбранбена компанија Ербас, е заеднички развиван од Германија, Франција и Шпанија. Се очекува да биде оперативен од 2040 година и ќе го замени авионот „Јурофајтер“.
ГЦАС е дизајниран да работи во комбинација со вооружени и невооружени дронови и затоа е повеќе од само борбен авион. Сепак, земјите учеснички имаат различни ставови за обемот на нивното учество, пренесе ДПА.
Мерц рече дека се согласил со францускиот претседател Емануел Макрон дека ќе донесат заедничка одлука во последниот квартал од годината, односно до крајот на 2025 година, за тоа како да се продолжи со ФЦАС.
Германскиот канцелар ги даде овие коментари по состанокот на Кабинетот во Берлин, на кој владата се согласи за сеопфатни мерки за зајакнување на германската војска.
Мерц се осврна на француската желба за широко вклучување на уште една компанија во проектот.
– Тоа не ги олеснува работите. Но, се надевам дека можеме да постигнеме решение, бидејќи на Европа ѝ е потребен нов борбен авион кој треба да се развие, рече тој.
– Во моментов го немаме во нашите сопствени залихи или производство. Затоа сакам да донесеме одлука до крајот на годината за тоа како проектот ќе продолжи, додаде Мерц.
На крајот на јули, по состанокот меѓу Мерц и Макрон во Берлин, се очекуваше спорот околу заедничкиот развој на воздушниот борбен систем да се реши до крајот на август.
