Наредните денови, докторски тимови составени од специјалисти од повеќе области ќе проценуваат состојбата на сите повредени од големиот пожар во Кочани. Со тоа ќе се утврди понатамошниот тек на нивното лекување и рехабилитација.
Во меѓувреме, тим од Велика Британија одржа обуки за 45 здравствени работници, вклучувајќи 10 лекари од кочанската болница. Според нивните препораки закрепнувањето треба да се одвива во Кочани.
Здравствените власти тврдат дека има доволно персонал за потребите на пациентите, а се размислува и за реконструкција на кочанската болница.
Моментално тоа што фали во кочанската болница го надополнуваме од Клинички центар и болницата во Козле. Доколку има потреба директорката може да не контактира и ќе испратиме 35 доктори и дополнително може да се користат и други клиники во Скопје, кажа Јовица Андовски, заменик министер за здравство.
Во моментот, 40 пациенти се на физикална терапија во земјава, а само двајца од пациентите кои се лекуваат во Кочани имаат активни рани и потреба од редовни преврски – кај останатите раните се затворени и тие продолжуваат со рехабилитација.
Неодамна реагираа и од иницијативата Супорт Кочани кои велеа дека само една докторка е задолжена да се грижи за сите пациенти и исто така истакнаа дека компресивната облека која треба да ја носат дел од пациентите е многу скапа и треба постојано да се менува.
Надлежните пак ги отфрлија обвинувањата, велат дека грижата околу третманот е поделен на повеќе доктори, а за компресирачки одела само споделија дека се земени мерки за сите, без дополнително да објаснат кој ќе го финансира тоа.
-Сите колеги комуницирааат со пациентите, не е само една докторка. Таа е задолжена само за дел од пациентите. Пациентите се поделени за да може да добијат соодветен внимание. Тим од Бугарија дојдоа во Кочани за да направат индивидуални мерки кај сите повредени каде што има потреба од вакви компресивни ракавици, вели Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, директорка на Клиника за пластична хирургија.
-Ќе го поканиме тимот од Израел кој веќе беше тука на почетокот на трагедијата да го даде и своето мислење за понатамошното лекување на овие пациенти, кажа Сашо Клековски, директорот на ФЗО.
Единаесет пациенти остануваат на лекување надвор од државата, сите се во стабилна состојба. Во Македонија во болница се седум пациенти, од кои еден е во критична состојба со тешки изгореници.
Тамара Марковска