По повеќе месечни макотрпни преговори, Обединетото Кралство и Европската унија постигнаа договор за нов безбедносен пакт, како дел од сеопфатното ресетирање на односите по британското напуштање на унијата во 2020 година. Иако денешниот прв самит во Лондон, имаше само насмевки и ласкави пофалби, преговорите траеја речиси до самиот негов почеток. Проблематични точки беа правата за рибарење во британски води, за кое Лондон направи отстапка и се согласи за 12 годишно продолжување, и учеството на Велика Британија во 150 милијарди евра вредната програма за повторно вооружување на Европа.
„Ова е првиот самит ОК-ЕУ, со него одбележува еден период во нашите односи и овој договор е победа за сите. На британската јавност ѝ го дава тоа за што гласаа минатата година. Дава невиден пристап до пазарот на ЕУ, најдобриот за една земја која не е во ЕУ и ЕФТА, додека во исто време ги почитува црвените линии од нашиот манифест, да не се приклучиме во заедничкиот пазар, царинската унија и да не се врати слободата на движење“ изјави Кир Стармер – Премиер на Велика Британија.
Претседателката на Европската комисија изјави дека ова е приказна за историски и природни партнери кои заедно стојат на глобалната сцена.
„Ја вртиме страницата, отвораме ново поглавје од нашите уникатни односи. Ова е приказна за историски и природни партнери, кои заедно, еден до друг стојат на глобалната сцена, кои во најголем дел се соочуваат со истите предизвици, работат кон истите цели, истомисленици кои ги споделуваат истите вредности. Поради тоа трагаме по решенија кои ќе имаат придобивки за сите наши народи“ рече Урсула фон дер Лајен – Претседателка на ЕК.