Обвинителката Ленче Ристовска од поранешното Специјално јавнообвинителство (СЈО), адвокатот Јордан Апостолски и судијката од Апелација, Габриела Гајдова се тројцата кандидати кои го минаа филтерот преку интервјуа од 12 кандидати кои претходно се исфилтрираа од 21 пријавен.
Овие три имиња се конечната одлука на Комисијата за избор за делегиран судија од земјава во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
Зградата на МНР беше местото каде се одвиваа интервјуата со кандидатите. Во вторникот завршија осум интервјуа, а некои од кандидатите беа и поранешната директорка на Академијата за судии и обвинители, Наташа Габер Дамјановска и членот и поранешен претседател на ДИК, Александар Даштевски.
Денеска Комисијата ги слушна ставовите на преостанатите четворица кандидати. Листа од тројца избрани ќе биде доставена до Владата за избор – најдоцна до сабота и до крајот на законскиот рок.
Два посебни критериума, посебни услови кои се нагласуваат од страна на советот на Европа се моралноста и квалитетот. Овие услови се без можност за алтернатива.
Претходно, членот на Комисијата, Осман Кадриу изјави дека е задоволен од квалитетот на кандидатите кои се пријавија за функцијата во Стразбур, со мандат од девет години.
„За функција судија на Европскиот суд се бара кандидатот да поседува високи морални квалитети. И таа околност мора да се цени. Неслучајно се бара, затоа што лицата кои ќе бидат избрани за судија претставуваат олицетворение на државата“, изјави уставниот судија, Осман Кадриу.
Во јануари догодина му завршува мандатот на Јован Илиевски, досегашниот претставник на Македонија во Европскиот суд за човекови права.
Петар Догов