Денеска се навршува деценија од оружената престрелка во кумановско „Диво насеље“ кога на 9 и 10 мај 2015 загинаа осум припадници на безбедносните сили во 28-часовни престрелки во кои имаше и 37 повредени.
Загинатите македонски припадници кои го дадоа животот во антитеротистичката акција постхумно беа одликувани со медал за храброст. Во чест на загинатите во кругот на СВР Куманово беше откриена спомен-плоча, а беше создаден и мурал „Хероите живеат вечно“ во централното подрачје на Куманово.
Куманово два дена живееше во страв кога во густо населената населба „Тоде Мендол“ популарна во градот како „Диво насеље“ се слушаа престрелки со различен интензитет. Населбата целосно беше изолирана од припадниците на безбедносните сили, жителите се евакуираа, хеликоптери го надлетуваа местото.
Откако групата беше сузбиена уапсени беа голем број нејзини припадници по што следеше судска разврска во која беа изречени високи казни за 37 обвинети – меѓу нив доживотни затворски казни за главните организатори. Обвинетите тврдеа дека биле измамени и злоупотребени политички, додека државата тврдеше дека се работи за терористички напад врз суверенитетот на државата.