Мајката Невена Спасеска не може да добие решние од Центарот за социјални работи Скопје за тоа како и кога ќе ѝ биде дозволено да го гледа нејзиниот четиригодишен син, откако ѝ беше одземено старателството. Детето е сè уште кај неа, но таа сега стравува дека ако го предаде на неговиот татко, охридскиот бизнисмен Спасе Спасески, повеќе нема да го види нејзиниот син.
Со правосилната пресуда на охридскиот суд, детето е доверено на чување, воспитување и делумно издржување кај таткото. Телма веќе објави дека во образложението на пресудата нема објаснување зошто мајката е неподобна да добие старателство, туку само се објаснуваат квалитетите на таткото.
Сега мајката се соочува со уште еден проблем – да добие на хартија како ќе бидат уредени нејзините видувања со синот кој сега ќе треба да живее со татко му. Повеќе од еден месец бара одговори од центарот.
На 19 март Спасеска била повикана во центарот на информативен разговор на кој побарала, поради пресудата, да постапат по новонастанатите околности, односно да ѝ издадат решение и со тоа да го заштитат нејзиното право да го гледа сопствениот син.
Но, таа добила само личен мејл од социјалниот работник Гоце Прцулоски, со укажувања дека детето мора да го предаде на таткото и дека важи старото решение со кое всушност биле уредени видувањата на таткото со малолетниот син. Но, околностите сега се промениле, бидејќи старателството ѝ е одземено.
Три пати во април Спасеска писмено се обратила до центарот да ја известат официјално дали навистина старото решение може да се применува и во нејзниот случај, а последното барање од мајката, заедно со нејзината адвокатка Аница Цветановска, е поднесено на 25 април. Но, на ниту едно барање досега не е одговорено.
Нејзината адвокатка Цветановска за Телма вели дека социјалниот работник Прцулоски го користи решението кое нема правна важност и е вон сила за да го одземе детето и потоа мајката да биде оставена без контакт со него, бидејќи на писмено го нема регулирано видувањето со нејзиниот син.
Телма со обиде да стапи во контакт со одделот за старателство во центарот на телефоните оставени на интернет страницата, но никој не одговори. Ниту на прашањето испратено на официјалниот мејл до вестите не добивме одговор.
Притоа во пресудата не било земено предвид дека Спасески вршел психичко семејно насилство врз својата жена и за тоа добил мерки. Потоа и лажно пријавил дека неговото дете било физички и психички малтретирано од неговата мајка Невена и неговата баба Милена, а судот го казнил со 250 евра. Воедно бизнисменот бил пратен и на психосоцијален третман во Првиот семеен центар во Скопје, но оттаму до Центарот за социјална работа во Скопје било испратено известување дека третманот бил неуспешен.
Спасеска сега правдата ќе ја бара од Врховниот суд. Инаку, зад името на Спасески има неколку фирми. Директор до декември бил во „Сарамзалино Аграр“ каде сопственик е неговата семејна фирма АСП-ПАК, како и „Грин Енерџи“, чиј управител е екс вицепремиерот Кочо Анѓушев. Додека во фирмата „Био Ентерпрајс“, сопственик е Спасески заедно со „Грин Енерџи“. И семејната фирма АСП-ПАК на Спасески соработувала со „Феро Инвест“ и „Централ Инвест“ во сопственост на Анѓушев. За тоа сведочи и нивната инвестиција во биогасната електрана „Био Ентерпрајз“ во Сарамзалино.
Марија Митевска