Кој ќе ја преземе надлежноста за утврдувањето на евентуалната одговорност за загадувањето на Крива река откако Кумановското обвинителство ја започна постапката, а подоцна предметот беше префрлен во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а се уште не е одлучено и по речиси 2 месеца од настанот. Се чека на републичкото обвинителство да пресече кој ќе го испитува случајот во Тораница. Извори на Телма брифираат дека обвинителството кое што ќе ја преземе надлежноста веднаш ќе ја продолжи постапката со преземање на потребните дејствија.
На 14-ти март пукна цевка во Тораница од која како што тврдеа од фирмата концесионер истекла техничка вода која не е опасна. Градоначалникот Сашко Митовски обвини дека Крива река е загадена со цијанид и олово, токму од рудникот. Случајот го презема Јавното обвинителство во Куманово кое оформи предмет и издаде наредби и вештачења за Крива река и наводите на општината дека е загадена по инцидентот во Тораница. Неколку дена подоцна беше препратен во Основото јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Екологистите бараа одговори, а молкот на институциите ги извади на улица барајќи тој да престане и јавноста конечно да дознае колкаво е загадувањето на Крива река и кои се последиците по здравјето на луѓето. Бараа и да и се одземе А-интегрираната дозвола на Тораница и кривично да одговара, а прашуваа и зошто инспекторите не зеле мостри. Државниот инспекторат за животна средина на тоа им одговори дека инспекторите самостојно работат во својата проценка дали ќе земат анализи во тој момент, но и дека поднеле барање до антикорупциска да утврдат дали има или не судир на интереси. Оттаму информираа дека таков предмет е оформен, постапувањето е во тек а по утврдување на состојбата ќе биде донесена одлука на јавна седница која ќе биде објавена на веб страницата на ДКСК, но по речиси еден месец таква седница се уште не е закажана.
Симона Петровска