„Коалиција помеѓу мајсторот и чиракот“ – Европскиот фронт излезе со ваква оценка за владиниот состав, по неизвесноста околу учеството на Таравари со неговата Алијанса.
Откако расколот во Вреди го оддалечи Таравари од Меџити, Касами и Ибрахими, Фронтот со заклучок – се докажа дека тие немаат легитимитет да бидат дел од власта.
Премиерот Мицкоски најави дека ќе бара одговор од Таравари дали има некаков договор со ДУИ за соработка на локалните избори, а опозициските партии од албанскиот блок испратија порака – отворени сме за соработка.
„Ние сме отворени како што кажуваат нашите лидери, а еве и јас, за соработка со сите субјекти во нашата држава. Со збиднувањето во коалицијата Влен се докажа дека тие немаат легитимитет, а ние се повикуваме на легитимитетот. Според мене, Македонија со ова ќе влезе во политичка криза и ние повикуваме на предвремени избори“, вели Сали Мурати, пратеник од Европскиот фронт.
Социјалдемократите остануваат резервирани кога станува збор за предвремени парламентарни, како што повикува Европскиот фронт предводен од ДУИ.
По вчерашната средба Мицкоски – Таравари и околу прашањето, дали тие би коалицирале со крилото на Алијанса за Албанците, во случај да излезе од владината коалиција, од СДСМ одговараат.
„Досега, претседателот на партијата Венко Филипче нема остварено директни контакти со Таравари така што во овој дел, одговорот ќе следува дополнително. Во коалицијата секојдневно гледаме превирања и тоа значи дека и таму се случуваат некои турбуленции коишто не одат во прилог на државата. Затоа ние како партија секогаш сме подготвени и мобилни во делот на каква одлука и да биде донесена од страна на владејачкото мнозинство“, кажа Лолита Ристова од СДСМ.
Аналитичарите се на став дека доближувањето на Алијанса кон ДУИ, за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде „црвената линија“ која не може да се помине. Таравари сега има право сам да преговара со Мицкоски и да остане дел од Владата откако се разиде со останатите лидери на Вреди, оценува експертската јавност.
„Следејќи ја изјавата на премиерот која е остра, за заткулисни игри и комбинации кои никогаш не му донеле добро, мислам дека тоа е една извесна порака кон Арбен Таравари дека неговото доближување кон ДУИ нема да биде добро прифатено во Владата“, кажа Петар Арсовски, политички аналитичар, во вчерашната Топ Тема на Телма.
„Имајќи предвид дека Арбен Таравари е политичар кој ги менува ставовите двапати, трипати, петпати на ден, а можеби и десетпати – јас не сум изненаден од тоа што можеби му има брифирано на Христијан Мицкоски“, дополни Љуљзим Фаризи, политички аналитичар.
„Се соочуваме со тоа премиерот да треба да одлучи кој од коалициските партнери од коалицијата Вреди која била четирипартитна, хетерогена, партиски поставена структура – да треба да одлучи на која страна условно кажано ќе застане“, рече Благојче Атанасоски, политички аналитичар.
Во изминатиот период, Таравари кажа неколкупати повтори дека Алијансата нема никаков проблем да ја напушти владината коалција, но само ако тоа го побара премиерот.
Вчерашната средба во Владата помеѓу премиерот Мицкоски и министерот за здравство Таравари заврши без конечен епилог. Претседателот на Владата ги потврдил јавно изнесените позиции, а средбата завршила во конструктивен дух.
Владините извори информираа дека разговорите продолжуваат и во текот на овој месец ќе се знае иднината за функционирањето на Алијанса за Албанците, во рамки на Владата.
Петар Догов