Почнаа уписите на првачињата во основните училишта во земјава, а на сила стапија и измените во Законот за основно образование за родителите строго да ја почитуваат реонизацијата. Ако до лани се чекаше до последен момент, односно во септември сега училиштата не можат да прават отстапки при уписот на првачињата, туку во саканото училиште може да се запишат само доколку детето има посебни образовни потреби или во реонското нема настава по мајчин јазик.
Родителите кои не сакаат нивните деца да се запишат во училиштето, кое е во нивниот реон изминатите години вршеа и промени на местото на живеалиштето. Реонизацијата на училиштата направи проблем со сегрегацијата на Роми во едно од основните училишта во Штип. Години наназад поради се помалиот број на ученици од македонска националност се формираа чисти ромски паралелки, а дали ќе се повтори проблемот ќе се знае по завршувањето на првиот уписен рок.
„Ќе имаат родителите доволно време од еден месец да ги поднесат документите и веќе кон крајот на месец мај, ќе имаме некој првични резултати и бројки на запишани ученици во основните училшта“ вели Снежана Санева од Општина Штип.
Европскиот суд за човекови права, во Стразбур пред три години пресуди дека во штипско и битолско училиште е извршено дискриминација на Ромите, со тоа што се формирани чисти ромски паралелки. Постапката за докажување на сегрегација ја покренаа околу триестина семејства, државата им исплати оштета од околу 46.000. И годинава бројките на ученици во прво одделение не се оптимистички. Наталитетот паѓа, поради иселувањето, а годинава според податоците во Штип треба да се запишат 460 првачиња.
Викторија Јованова