Судски избра тројца судии за Врховниот суд, но изборот запна на четвртиот. Судиите кривичари од скопска Апелација, Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска, беа избрани со пофалби од членовите.
Кога требаше да се бира од листата на граѓански судии на која имаше четворица кандидати, се наметна дебата дали да се одложи или поништи огласот. Со оглед на тоа што дисциплинските постапки се тајни, се бираа зборови во дискусијата, затоа што второрангираната Јетмире Ајдини Бошњаку неодамна доби парична казна, а нејзината колешка Наташа Савовска Димитровска беше разрешена.
Мнозинството одлучи да се врши избор и беше избрана само прворангираната судијка од скопска Апелација, Маја Маркова. Апелациониот судија Рафиз Идризи доби шест гласа „за“ и шест „против“. За Савовска сите 12 члена беа против, но за Ајдини Бошњаку, тројца членови гласаа за унапредување во највиоскиот суд
Со денеска избраните тројца судии, Врховен има 14 судии и далеку е од систематизацијата со 28 судии, бројка која со години не е пополнета во целост. Во тек е постапка и за избор на претседател на судот. Кандидати се доскорешната претседателка Беса Адеми и судијата Африм Фидани. Претседателот на Судски, Камбовски рече дека постапката е при крај и изборот ќе го закаже на некоја од наредните седници.
Елена Ивановска Мукоска