Вести Свет Топ вести

Либералите и Карни го комплетираа „камбекот“ со историска победа на изборите во Канада 

Парламентарните избори во Канада, кои рано утрово беа заокружени со нова и неочекувана победа на владејачките Либерали, можат да се карактеризираат како историски, и тоа од повеќе аспекти. Либералите, кои пред само два месеци, беа убедени дека ќе доживеат катастрофален пораз, успеаја, благодарение на новиот лидер Марк Карни, да направат досега невиден изборен камбек. Станаа првата канадска политичка партија која надополни толкава разлика во поддршката за толку кратко време, а во исто време и првата партија која победила на 4 изборни циклуси по ред, иако четвртата победа е со минимална разлика.

Но, сето тоа беше благодарение на американскиот претседател Доналд Трамп и неговата неразумна политика кон најголемиот трговски партнер и најблискиот сојузник на САД.

  • „Нашите стари односи со САД, односи засновани на постепено зголемување на интеграцијата, завршија. Системот на отворена глобална трговија, заснован на САД, систем на кој Канада се потпираше уште од Втората Светска Војна, систем кој иако не беше совршен, со децении испорачуваше просперитет за нашата држава, исто така заврши. Но, во исто време тоа е нашата реалност“ – Марк Карни – Премиер на Канада.

Царините за автомобилската индустрија, тесно интегрирана со американската и најавите за припојување на Канада како 51 американска сојузна држава, му направија контра услуга на природниот идеолошки сојузник на Трамп, Пјер Поилиевер и концентрирање на неопределените гласачи кај Либералите и Карни.

Поранешниот гувернер на две од најголемите централни банки на светот, го препозна и зграпчи политичкиот момент кој му го сервираше Трамп.

  • „Америка ја посакува нашата земја, нашите ресурси, нашата држава. Никогаш! Но, ова не се безопасни закани. Претседателот Трамп сака да нѐ скрши, за Америка да може да нѐ поседува. Тоа никогаш, никогаш нема да се случи“ – Марк Карни – Премиер на Канада.

Благодарение на Трамп, Поилиевер од сигурен победник се претвори во најголем трагичар на канадските избори, затоа што и покрај тоа што оствари историски резултат, најмногу гласови уште од 1988 година, Либералите сепак освоија малку повеќе од Конзервативците. Подемот на Либералите на анкетите охрабри двајца предизвикувачи за лидерската позиција на Конзервативната партија, кои не му помогнаа на Поилиевер во последните денови од кампањата и кои го натераа веднаш по изборите да започне кампања за одбрана на својата позиција.

  • „Свесни сме за фактот дека за малку не успеавме. Знаеме дека се потребни промени, но промените тешко се прават. Потребно е време, потребна е работа. Токму затоа, вечерва треба да ја научиме лекцијата за наредниот пат кога Канаѓаните ќе одлучуваат за својата иднина, да постигнеме уште подобар резултат“ – Пијер Поилиевер – Лидер на Конзервативната партија.

Загрижените Канаѓани поради заканите од Трамп ги концентрираа своите гласови кај двете големи партии, во исто време збришувајќи ги помалите партии, како Зелените кои добија занемралив 1 процент, и Новата демократска партија кои од 18 проценти на минатите избори, се спуштија на само шест.

Но, и овој катастрофален резултат за Новата демократска партија му се потребни на Карни да го обезбеди минималното мнозинство и да ја формира новата влада.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Жестоки меѓусебни обвинувања на интерпелацијата за Тошковски

Дејан Дејан

„Трагедијата можеше да се спречи, сега бараме одговорност“ – родителите на жртвите од Кочани денеска маршираа во Скопје

Дејан Дејан

Дел од роднините на средба со обвинителите по одговори за истрагата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе