Скопје од 3 мај се поврзува со Барселона и Лион по воздушен пат. Летовите ќе ги реализира Виз Eр со субвенции од Владата, потврдија денеска на прес-конференција ТАВ Македонија и Виз Ер
На релација Барселона – Скопје ќе има по два лета неделно, во вторник и сабота, а до Лион три, во вторник, четврток и в сабота.
Првиот лет од Скопје за Барселона ќе се реализира в сабота во 18:50 часот, а двајца патници ќе добијат бесплатни авиобилети преку избор на социјалните мрежи.
„По тригодишна пауза, пак, ги поврзуваме Скопје и Барселона по воздушен пат. Враќањето на оваа линија е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери Владата и Визер“, рече денеска на прес-конференција Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Меѓународниот аеродром Скопје првпат се поврзува со Лион, како што рече Курт, посебен град којшто има што да понуди, под заштита на УНЕСКО и роден град на кинематографијата со атрактивна гастрономска понуда. Според него, таргетирани се дестинации на шпанското и италијанското крајбрежје, враќање на линијата кон Ларника (Кипар), како и отворање директни линии кон Прага и Мадрид.
Со финансиска поддршка од Владата на крајот на март требаше да стартува и летот Скопје – Дубаи со Флајдубаи, но е одложен за наесен. Олеснувањето на визниот режим што го најави Владата според раководството на ТАВ ќе донесе многу патници на најавената линија.