Девет лица загинаа откако маж со автомобил влета во посетители на фестивалот Лапу Лапу во Ванкувер во саботата навечер, објави полицијата на мрежата Икс. Претходно денеска, полицијата во Ванкувер соопшти дека верува оти инцидентот за време на уличниот фестивал во тој град не бил терористички чин.
„Во овој момент, уверени сме дека овој инцидент не е терористички чин“, се вели во соопштението на полицијата во Ванкувер објавено на платформата Икс.
Утрово полицијата соопшти дека неколку лица загинале на уличниот фестивал кога возило се забило во посетителите, а дека неколку други се повредени, без да го прецизира точниот број на жртви.
Во соопштението се наведува дека полицијата на местото на настанот уапсила 30-годишен жител на градот.
Вршителот на должноста шеф на полицијата во Ванкувер, Стив Раи, изјави дека 30-годишниот осомничен е уапсен на местото на настанот и дека во инцидентот учествувале „еден осомничен и едно возило“.
Инцидентот се случи синоќа во близина на улицата „Фрејзер“ и Источна 41-ва авенија, објави канадската мрежа „Си-Би-Си“.