Вести Македонија Топ вести

„Горан е тука“ – одбележани 73 години од раѓањето на Горан Стефановски

Кај спомен-клупата во Дебар Маало посветена на Горан Стефановски денеска се одржа настан „Горан е тука“ по повод 73 години од раѓањето на познатиот драмски автор. На местото каде што во 2019 година беше засаден чинар во негова чест, во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“, љубителите на театарот, пријателите, семејството и почитувачите на делото на Стефановски се собраа да му оддадат почит.

Настанот опфати читање избрани текстови, изведени од Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ, музички сет на Игор Стефановски, синот на драматургот, пантомима на Дарко Вељиќ, настап на групата „Аудио Скопје“, живи статуи и учество на пријатели и колеги од театарот.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски истакна дека „Горан не беше само писател, тој беше совеста на едно време“ и дека „со секој збор создаваше светови во кои се огледува нашето минато и иднина“.

„Горан не е само спомен, тој е присуство. Преку новите културни сцени што никнуваат низ Центар, сакаме да ја пренесеме пораката дека културата е жив организам што нè обликува, ни дава идентитет и ни ја носи душата на времето. Чест ми е што ова центарско катче го носи токму неговото име. Горан е тука, во зборот, во мислата, во сцената што никогаш не згаснува. Ви благодарам што сте дел од ова заедничко сеќавање“, истакна Герасимовски.

Настанот беше во организација на Здружението на граѓани „Тим Театрос К“, со поддршка од Општина Центар.

Горан Стефановски е роден на денешен ден во 1952 година во Битола. Почина на 27 ноември 2018 година во Кантербери, Обединето Кралство.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рубио: Оваа недела ќе одлучиме дали ќе останеме во мировниот процес за Украина

Дејан Дејан

СДСМ: Притисок со инспекции

Дејан Дејан

Асфалт со дупки, фекалии на улица, септички јами во дворовите – живот меѓу две општини и борба за основни услови

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе