Вести Свет Топ вести

Папа Франциск – човекот на промените во Католичката црква

Од првиот ден говореше за Црква за сиромашни, за општество што се грижи за ранливите и маргинализираните, понижените и обесправени, за свет кој мора да тежнее кон помирување, наместо на поделби. Покажуваше и повикуваше на емпатија кон слабите и немоќните во секоја прилика, како што порачуваше дека вербата е предизвик за просечноста на човековите очекувања и површноста на интелектуализмот. Проповедаше дека гладта за леб на луѓето е глад за Бог, глад за братство, глад за средби. Најблиските го опишуваат како човек со силен ментален склоп и без влакна на јазикот.

„Се чувствував многу тешко кога ја слушнав веста, бидејќи сме роднини. Никогаш не очекував ваква вест толку ненадејно, па го замолив Бог да го однесе во рајот и од небото ќе нè благослови, како кога беше на Земјата. Како ќе го паметам? – Како многу силна личност. Силен во размислувањето. Што и да има да каже, ќе каже, без оглед кој слуша. Ама како силен и секогаш за сиромашните. Сите лоши работи во светот ќе ги каже, без разлика кој слуша, кој ќе прифати или нема да прифати. Но, многу силно што ќе одекне далеку“, вели Сестра Ана Роза Сивори, братучетка на папата Франциск.

Папата Франциск почина на 21 април, на Ангелски понеделник по Велигден, на 88 годишна возраст. Според официјален Ватикан, смртта настапила какопоследица на мозочен удар што довел до кома и неповратен застој на работата на срцето.  Периодот пред смртта закрепнуваше од лекување од пневмонија, поради што пет недели мина во болница. На излегување, се заблагодари на целиот персонал за грижата и им порача „ќе се молам за вас, ве молам правете го истото и вие за мене“.

„Ви благодарам за се што направивте и благодарение на неа, толку силна, кога жените се задолжени, работите функционираат. Ви благодарам, ви благодарам на сите вас. Се молам за сите вас, ве молам направете го истото и за мене. Ви благодарам“, рече папата Франциск при излегување од болница.

Папата Франциск беше 266 поглавар на Римокатоличката црква, прв латиноамерикански понтиф и прв Папа кој стапнал на македонска почва. Скопје, родниот град на Гонџа Бојаџиу која три години претходно ја прогласи за светица, се најде во неговата агенда на 29-то Апостолско патување на 7 мај во 2019 година. Посетата не беше само верска и политичка, туку во неа беше вткаена и симболика дека малите заедници не се заборавени. во духот и на нејзиниот слоган  Токму како што гласеше и нејзиниот слоган – „Не плаши се мало стадо“.

Се сретна со државниот врв, со верските лидери, ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза, каде замина со импресии од калуѓерките во кои, како што рече, го видел „мајчинството во Црквата“. Пред 15.000 верници од земјава и странство, одржа, речиси, двочасовна Света литургија на плоштадот „Македонија“ од каде упати пораки за мир, љубов, заедништво, за напуштање на индиферентноста, за споделување со болните и заборавените. Меѓу нив ја погоди и сржта на денешницата.

„Навикнати сме да го јадеме тврдиот леб на дезинформацијата и завршивме како затвореници на дискредитацијата, на етикетите и на презирот. Верувавме дека конформизмот ќе ја намали нашата жед, завршивме напоени со рамнодушност и бесчувствителност. Се нахранивме со раскошни и големи соништа, завршивме со јадење одвратност, затвореност и осаменост. Се заситивме со поврзување и го загубивме вкусот на братството. Баравме брз и сигурен резултат и еве се наоѓаме совладани од нетрпеливоста и нервозата. Како затвореници на виртуелноста, го изгубивме вкусот и мирисот на реалноста“, порача папата Франциск на Светата литургија на плоштадот „Македонија“ на 7 мај во 2019 година.

Хорхе Марија Бергољо е роден на 17 декември во 1936 година во Флорес, предградие на Буенос Аирес, како петто дете во семејство на италијански емигранти кои се преселиле во Аргентина, бегајќи од економската криза и диктатурата на Мусолини. Неговата родители биле верници, планирале да го школуваат за лекар, но помислувале  дека највозрасниот син еден ден ќе стане свештеник, уште помалку Папа.

Бил љубител на тангото, го сакаше спортот, играл фудбал во паркови со пријателите, а посетувал и веронаука. Беше навивач на аргентинскиот клуб Сан Лоренцо, љубов не била само површна, туку имал и членска карта. Едно време играл и кошарка за истоимениот клуб. Во тинејџерските денови работел и како обезбедувач во барови во Буенос Аирес, искуство за кое подоцна велеше дека му помогнало во комуникацијата и разбирање на луѓето.

Пресвртницата во животот се случила на 17-годишна возраст, во 1953 година. Минувајќи покрај базиликата Сан Хозе де Флорес, непланирано влегол во црквата, се приближил до исповедалницата. Среде тишината на медитацијата и духовното обликување, одлучил да стане свештетник.

Хиротонисан е на 13 декември во 1969 година. Периодот на воената хунта во Аргентина од 1976 година до 1983 година оставил длабока трага во него, но и период во кој помогнал на многу свештеници кои биле во опасност. Подоцна рече дека честопати размислува на тие години, сметајќи дека не сторил доволно, но и оти бил сигурен дека не ја поддржувал диктатурата.

Папата Франциск го воодушеви светот со емотивни дела на љубов, понизност и неформалност. Го покажа тоа уште на првото појавување како понтиф на терасата на базиликата Свети Петар со најобично „Добра вечер“, поздравувајќи ги присутните. Првиот дождовен ден по неговиот избор, направи уште поголеми гестови, допирајќи до срцата на секој верник, како носењето со себе на десетици бегалци од Сирија од бегалски камп во Грција.

„Но, едно нешто што секогаш ќе ме доведе до солзи е начинот на кој се грижеше за сите и начинот на кој во моменти кога дури имаше големи болки, ќе го запреше папамобилот, како што се нарекуваше, и ќе земеше некое болно дете или човек што страда и ќе го прегрне“, изјави кардинал Кевин Џозеф Фарел

Таквите постапки му донесоа голема популарност меѓу прогресивците и истовремено беа сигнал за нови приоритети за Ватикан по, понекогаш проблематичниот понтификат на неговиот претходник, Папата Бенедикт Шеснаесетти.

„Франциск беше Папа на народот, како што и го нарекуваа. Мислам дека таа блискост, таа нежност, таа топлина, тој афинитет со обичните луѓе го имаа претходните папи, но мислам дека тој можеше да ја изрази многу подобро од речиси секој друг Папа. Дали тоа засекогаш ќе го промени папството? – Мислам дека секој Папа отсега ќе знае дека народот треба да биде во срцето на црквата и папството, не само апстрактно, туку конкретно. Навистина. Дека мора да се гледа својот папа, како да се каже, да ги прегрнува луѓето и да биде близок со нив, да биде нежен, да ги слуша“, смета Остин Ајвери, биограф на папата Франциск.

Мигрантите беа еден од главните приоритети на папата Франциск. За време на неговиот понтификат се случи голема бегалска криза во Медитеранот и пад на емпатијата кон нив, што доведе до заострување на политиките низ светот. Затоа изборот за негова прва дестинација за посета надвор од Рим беше италијанскиот остров Лампедуза во Средоземното Море, што се најде на првата борбена линија на многу патишта за шверц и смртоносни бродоломи од Северна Африка.

„Не можеме повеќе да ја гледаме драмата на бродоломи, предизвикани од суровата трговија и фанатизмот на рамнодушноста. Луѓето кои се изложени на ризик да се удават кога ќе бидат оставени на брановите, мора да бидат спасени. Тоа е должност на човештвото, тоа е должност на цивилизацијата“, истакна папата Франциск при посетата на Лампедуза, италијанскиот остров во Медитеранот.

На враќање од посетата на Мексико во 2016 година, го „пецна“ и американскиот претседател Доналд Трамп, кој во тоа време, во кампањата за првиот мандат во Белата куќа, водеше политика на градење на ѕид на американско-мексиканската граница.

„Човек кој мисли само да гради ѕидови, каде и да е, а не да гради мостови, не е христијанин“, одговори папата на враќање од Мексико.

Ги воодушевуваше верниците низ светот, но своите Аргентинци ги остави збунети и да се чувствуваат прескокнати што не ги удостои со посета по изборот за Папа во 2013 година. Франциск никогаш не кажа зошто се оддалечи од родната Аргентина, упатените во Ватикан и експертите во тоа гледаат обид да избегне да се фати во костец со поларизирачката политика што ја креира неговата земја и судирот со претседателот Хавиер Милеи.

Кога во 2013 година беше избран папата Франциск, неговата родна Аргентина славеше како да го освоила Светското фудбалско првенство. Но, таа возбуда се претвори во разочарување и збунетост во наредните 12 години, бидејќи папата Франциско патуваше низ целиот свет, па дури и во Јужна Америка, но никогаш не се врати во својот дом во Аргентина. Експертите го припишуваат тоа на неподготвеноста на папата Франциск да се зафати со поларизираната политика на Аргентина. Кога Франциск беше надбискуп на Буенос Аирес, тој се судри со тогашната прогресивна влада поради конзервативниот став на Ватикан за различни општествени прашања. Но, ништо не можеше да го подготви за тензии со екстремно десничарскиот претседател Хавиер Милеи, кој, пред да дојде на функцијата во декември 2023 година, меѓу другите навреди го нарече Франциск „имбецил, претставник на злото на земјата“. Сепак, од разговорот со луѓе низ различни сиромашни населби каде што Франциск некогаш работел како свештеник во Буенос Аирес, станува јасно дека ги посетил или не, првиот папа од Латинска Америка длабоко ќе им недостасува“, анализира Изабел де Бре од Асошиејтед прес

Последните 18 месеци од животот имаше секојдневен попладневен ритуал. Околу 19 часот се јавуваше во католичка црква во близина на Џабалија, во појасот Газа, за да праша како се свештениците и како се справува народот со тешката ситуација. Во последната негова порака за Велигден, што во негово име ја прочита надбискупот Диего Равели, папата Франциск повика на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, изразувајќи „осуда и презир на драматичната ситуација“.

„Ја изразувам мојата блискост со страдањата на христијаните во Палестина и Израел и со целиот израелски народ и палестински народ. Во исто време, мислам на луѓето од Газа, особено на христијанската заедница, каде што ужасниот конфликт продолжува да предизвикува смрт и уништување и да создава драматична и жална хуманитарна ситуација. Апелирам до завојуваните страни: повикајте на прекин на огнот, ослободете ги заложниците и дозволете помош за гладниот народ кој се стреми кон иднина и мир“, нагласи надбискупот Диего Равели, водач на литургиски церемонии во Ватикан. 

„Папата Франциск нѝ се јавуваше секој ден, за да ја искаже својата блискост и да нè праша за ситуацијата со која се соочува христијанската заедница, бидејќи ние овде сме околу 500 луѓе. Ни праќаше благослов и побара од нас да ги заштитиме сиромашните и децата“, открива отец Габриел Романели.

Постојано ја осудуваше војната во Украина, постојано повикуваше за „праведен и траен мир“, а на одбележувањето на нејзината трета годишница рече дека е „болна и срамна за целото човештво“.

„Нека воскреснатиот Христос ѝ подари мир на Украина, уништена од војната, за Велигден и нека ги охрабри сите вклучени страни да продолжат со напорите за постигнување на праведен и траен мир“, рече надбискупот Диего Равели, водач на литургиски церемонии во Ватикан.

Папата Франциск беше неуморен во својата мисија. За време на понтификатот посети дури 63 држави на сите континенти. Најдолгото траеше 12 дена во кои ги посети Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур, преминувајќи, речиси, 33.000 километри.

Говореше јасно, искрено и едноставно. Пораките што ги праќаше беа и духовни, длабоко човечки и блиски до секого во светот кој бараше смисла, надеж и топлина. Длабоко го критикуваше современото општество во кое туѓата болка честопати се игнорира. За него, добрината не беше слабост и учеше на поголема храброст во свет во кој полесно е да се врати отколку прости. Говореше за Бог кој не отфрла, туку секогаш простува. Во темните моменти секогаш апелираше никогаш да не се заборави на најважното – надежта, бидејќи, како што велеше, таа нè движи, храни и враќа кон себе. Пораката што ја остави на светот е никогаш да не нема откажување и дека силата е во трпението и довербата.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вчера верба, денеска сомнеж – Трамп скептичен дека Путин сака крај на војната

Дејан Дејан

Електронски до неосудуваност

Дејан Дејан

Живот во Припјат ќе биде можен по 3.000 години – 39 години од нуклеарната катастрофа во Чернобил

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе