Две лица со мотор почнале да пукаат кон 31-годишниот Алајдин Сулејмани, среде бел ден, кај Бит Пазар, соопшти денеска министерството за надворешни работи (МВР) и сепак не се работело за престрелка меѓу две групи од пет до шест лица, како што беше вчера објавено. По напаѓачите сега трага полицијата. Сулејмани беше пренесен на Ургентниот центар, каде подоцна им подлегна на повредите. Жртвата е син на Назми Сулејмани Аруша, поранешен командант на ОНА од Арачиново.
„Полициски службеници од Полициската станица „Бит Пазар“ и полициски службеници од Единицата за интервентна полиција излегле на местото и било констатирано дека се работи за престрелка меѓу две лица кои со мотор дошле и почнале да пукаат кон лице кое било веќе на локацијата, при што А.С. (31) од Скопје за здобил со прострелна рана и пренесен е во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што околу 16.00 починал“, соопшти МВР.
На местото на настанот најдени се повеќе чаури, а оштетени се неколку стакла од околните продавници, како и неколку паркирани возила. Тие и денеска сведочат за вчерашното убиство. Од МВР велат дека се преземаат оперативни тактички мерки за пронаоѓање на лицата и за расчистување на случајот.
Увид на местото на вчерашната престрелка кај Бит Пазар изврши и дежурен јавен обвинител.
„Од лице место се прибрани траги кои ќе бидат предмет на вештачење. Врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција.По наредба на јавен обвинител се обезбедуваат снимки од видео надзор од околните објекти. Се издаваат сите потребни наредби и насоки за идентификација на инволвираните и целосно расчистување на настанот“, соопштија од обвинителството.
Сè уште не се знаат причините за убиството на Сулејмани.
Марија Митевска