„Подобрo спречи отколку лечи“. Медицинската народна поговорка никако да се сфати на домашната политичка сцена. Па, по една и пол година од изборот на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), ќе се „лечи“ нарушениот имиџ на институцијата, откако претседателката Димитровска стана дел од истрага за оддавање службена тајна, реагираат од стручните невладини организации.
Ова е само вовед во кажаното на експертите од невладиниот сектор кој при изборот и рангирањето на кандидатите за Антикорупциска вложија со издвоено мислење и најниска цена 20 од 100 бодови до пратеничката комисија на 30 ноември во 2023-та. Но, наместо реакција, пратениците од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дадоа „пас“ и сега осомничената Татјана Димитровска најдобро оцената со 76 бодови од можни 100 продолжи за избор на седницата.
Премиерот сè уште не се огласил, а неговиот политички соперник, Филипче вели секој лично да си одговара. Најразочарана од сомнителното однесување на Димитровска е нејзината поранешна колешка од државниот Завод за ревизија, но и претходничка на функцијата, Билјана Ивановска која одново порача дека за овој сстоав се избирале кандидати кои ниту се соодветно испрашани, ниту, пак, дале задоволителни одговори во интервјуата.
Од првенка за избор во ДКСК до осомничена за издавање на службени документи во истрагата „Адитив“, Димитровска во година и пол мандат често ги полнеше новинарските написи за предмети во кои постоеше сомнеж дека функционерите сториле пропусти во службата. Од овој состав на Димитровска се офајди првиот човек на АНБ, Бојан Христовски за кого комисијата одлучи дека јазичниот ТОЕФЛ сертификат од „Јулија“ во Пловдив е валиден, додека не се докаже спротивното.
По проверката како патувал до Вашингтон синот на премирот, и Мицкоски излезе чист како солза. Но, сега на потег е работодавецот на Димитровска и шестмината антикорупционери дали ќе им биде повлечен изборот. Тие што ја оценија со 100-тки, тие истите сега можат да ја разрешат.
Според законот, ако постои осуда над шест месеци и е правосилна, функцијата антикорпуционер се прекинува, но и ако работи спротивно на начелата за антикорупција и ако не се појавува на работа шест месеци. Но, ако се дочита законот, фотељата на Димитровска, според сите овие членови, е безбедна, освен ако таа не го активира членот со кој има право на оставка.
Павле Беловски