Алијанса ќе излезе од Владата само ако премиерот каже дека повеќе не се потребни. Овој став на Таравари доаѓа откако од Вреди повторно го повикаа да си замине од „Илинденска бр. 2“, во случај да се одлучи за соработка со ДУИ на локалните избори.
Лидерот на крилото на Алијанса за Албанците потенцира дека ги гледа реакциите кај останатите лидери на Вреди, но повикува на внимателност и рационалност. „Ова е политика, а ние одлучивме да излеземе со сопствени советнички листи, како што одлучи и ЗНАМ“, додаде Таравари.
„Во овој период јас не сакам да давам прогнози или да предвидувам. Гледам што пооправдано да донесуваме одлуки. Јас разговарав со премиерот, повторно ќе разговараме. И доколку тој смета дека Алијанса за Албанците не е потребна, ние немаме никаков проблем“, кажа Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците.
Ако некој одлучи да оди посебно на избори, тоа де факто значи дека тие веќе не се дел од коалицијата, но одлуката е нивна – кажа денеска претседателот на законодавниот дом.
Инаку, додека траат превирањата во Вреди, во тек е процес на спојување на партиите од коалицијата во една партија.
Во однос на Алијанса на Таравари, спикерот Гаши досега не добил официјално известување дека сака да биде посебна пратеничка група.
Околу прашањето дали владејачкото мнозинство ќе има доволно гласови за законите што бараат Бадентерово мнозинство, спикерот вели – додека немаме фактичка состојба, не можеме да го знаеме одговорот.
„Сите пратенички групи коишто се формирале на почетокот на овој нов собраниски состав продолжуваат да работат. Ако имаме нови промени, тоа ќе треба официјално да го достават до службите и до мене за потоа да ги информирам другите пратенички групи и пратеници. Во моментов немаме нова ситуација во однос на прераспределба на пратеници во други групи“, кажа Африм Гаши, претседател на Собранието на РС. Македонија.
Превирањата во Вреди започнаа околу прераспределбата на добитните градоначалнички и советнички позициии за претстојните локални избори, а кулминираа со состанокот на Алијанса во Тетово на којшто падна одлука – партијата на Таравари да оди самостојно во трката по советнички места. Остана отворено прашањето за кандидатите за градоначалници.
По 1 мај е најавена и средба на премиерот Мицкоски со Таравари, по која се очекува да биде појасно дали тој ќе замине во опозиција, како што побараа од него претседателите на коалицијата Вреди.
Петар Догов