По првиот силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтер кој вчера го погоди турското подрачје во близина на Мраморното Море регистрирани се уште 127 последователни земјотреси, од кои најсилниот бил 5,9 степени, потврди турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Според информациите од Министерството за здравство, повредени се вкупно 236 лица, најголем дел од нив во Истанбул, додека во околните региони како Текирдаг, Сакарија, Јалова и Бурса се регистрирани дополнително повредени лица.
Повеќето луѓе се повредиле скокајќи од високи објекти во паника. Во центарот на Истанбул, во општината Фатих, се урна една зграда, а уште девет куќи беа евакуирани поради претпазливост. Итната помош по првиот потрес прими над 10.000 повици.
Училишните дворови и џамиите останаа отворени за граѓаните што се плашат да се вратат во своите домови, а Турската Црвена полумесечина обезбедува храна, пијалоци и психосоцијална поддршка. Нема информации за жртви, но се апелира на внимателност и следење на препораките од надлежните служби. Ситуацијата сè уште е нестабилна, а се очекуваат и нови потреси.