Во Лондон почнаа разговори помеѓу Велика Британија, САД, Украина, Франција и Германија за мировниот план за завршување на војната во Украина.
Состанокот првично беше најавен како собир на министрите за надворешни работи, но наместо тоа, разговорите ги водат советници за национална безбедност од Велика Британија, Франција и Германија, заедно со претставници од САД и Украина.
Британските министри за надворешни работи и за одбрана, Дејвид Лами и Џон Хили имаат билатерални разговори со своите украински колеги Андриј Сибиха и Рустем Умеров, кои сепак допатуваа во Лондон.
Хили ќе се сретне и со специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина,Кит Келог, кој ги претставува САД во разговорите на местото на државниот секретар Марко Рубио.
Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на „Телеграм“ дека Украина инсистира на итен, целосен и безусловен прекин на огнот.
„Ние во Украина инсистираме на итен, целосен и безусловен прекин на огнот. Тоа беше апсолутно коректен предлог на САД даден на 11 март годинава и тоа е апсолутно возможно, но само доколку Русија се согласи да го запре убивањето“, истакна Зеленски.
Тој потсети дека Украина предложила продолжување на прекинот на огнот за најмалку 30 дена, а потоа да стане трајно, потенцирајќи оти „мирот може да дојде во тишина, а првиот знак на молкот е отсуството на терор“.