Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција преку мислење доставено до судот се согласува да му биде укинат притворот на Асмир Јахоски кој е осомничен за перење пари во истрагата за набавките на мазут за ЕСМ и ТЕЦ Неготино.
Јахоски е сопственик на Пуцко Петрол и син на прaтеникот на ДУИ Исмаил Јахоски. Обвинителството ја прифатило гаранцијата која ја понудил Јахоски и која се состои од околу милион евра во недвижности, но смета дека дополнителни над 1,15 милиони евра депонирани на сметка се доволни, Јахоски да се брани од слобода.
-Jавниот обвинител истакна дека предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, може да биде основан само ако осомничениот, во исто време, на посебна сметка на судот, дополнително да депонира и износ од 72 000 000 денари. Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага обвинителството, износот од 72 000 000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување од него, соопшти обвинителството.
Од обвинителството доколку судот ја прифати гаранцијата бараат мерки на претпазливост за Јахоски односно забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува на надлежен државен орган и привремено одземање на пасош за да не ја напушта државата.
Адвокатот на осомничениот Владимир Доневски, за Телма не сакаше да го коментира соопштението на обвинителството бидејќи не го добил и потврди дека како одбрана доставиле предлог за гаранција составен од недвижност во Скопје и уплатена сума од 72 милиони денари.
Обвинителството ја прифатило гаранцијата затоа што го имало во предвид и текот на истрагата со која се обезбедени „поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што значително е намален ризикот дека тој би можел да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци“.
Јахоски е осомничен во рамки на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, во која се опфатени и екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски (во бегство), сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, поранешниот менаџер за продажба во ЕСМ Адриан Муча и уште 6 лица кои учествувале во реализацијата на набавките мазут вредни над 160 милиони евра.
Миомир Серафиновиќ