Колку чини лебот, млекото или јогуртот, овошјето и зеленчукот, месните производи или алкохолните и безалкохолни пијалаци од денес може да се види на веб страните на поголем дел од големите ланци на маркети. Законското решение е на сила а од она што може да се види поголем дел од маркетите го почитуваат и цените им се објавени за граѓаните да може полесно да се информираат. Сепак дел од маркетите се уште ги немаат објавено ценовниците а некои од големите маркети немаа официјална веб страна бидејќи ги користат само социјалните мрежи.
Граѓаните се задоволни, некои имаат забелешки околу формата во која се објавени ценовниците бидејќи биле непрегледни како и дека артиклите не се групирани некои велат дека ќе се информираат од прва рака – цената која е на рафтот.
Министерот за економија Бесар Дурмиши вели дека оваа мерка ги опфаќа сите трговци кои имаат повеќе од десет вработни и дека со оглед на фактот што законот е донесе на 4 март тие имале доволно време за да се прилагодат и да ги објават ценовниците. Наредната недела планира состанок со новоформираната Комора но нема да има отстапки и пролонгирање.
Од Пазарната инспекција за Телма соопштија дека план за мониторирање на спроведувањето на оваа мерка е направен уште во средата и неколку дежурни екипи за време на продолжениот викенд ги следат маркетите дали ја почитуваат мерката и ги објавуваат цените на продуктите кои се продаваат како и дека се постојан контакт со министерството за економија. Детален извештај и пресек за тоа колку се почитува мерката ќе има во вторник.
Новоформираната Комора на трговци на големо и мало вчера соопштија дека малите стопанственици се уште се екипираат технички и кадровски и затоа бараат повеќе време за изработка на веб страниците додека од Здружението на приватни аптеки се на став дека тие не треба да се третираат како обични трговци и затоа бараат да бидат целосно изземени од обврската да ги објавуваат цените на интернет.
Огнен Чанчаревиќ