Нема пратеници од коалицијата предводена од СДСМ кои преговараат да се приклучат кон владејачкото мнозинство, тврдат од партијата, откако вчера Билал Касами рече дека мнозинството ќе се прошири, а од ЗНАМ отфрлија можност за соработка со функционери од редовите на Социјалдемократите.
Костова тврди дека нивната пратеничка група е стабилна, како и коалицијата, за разлика од владејачката која, според неа, е формирана поради тесно-партиски интереси и оттаму, превирањата се очекувани. Засега не разговарале за евентуално предизборно коалицирање со таборот на Таравари, откако беше исклучен од коалицијата „Вреди„.
Од вчерашниот статус на фејсбук на Зијадин Села, е јасно дека нема да има ниту спојување или соработка на двете крила на Алијанса за Албанците кои се уште се тужат за тоа, кому да му припаднат печатите и името на партијата.
По одлуката на Собранието на партијата, да одат со сопствени советнички листи, во одговор на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса, Таравари изјави дека нивната куќа е голема, а „вратите се отворени за сите, така што, кој сака нека повели, добредојден е„.
Од коалицијата „Вреди„, пак, го обвинија дека веќе два месеци преговара со ДУИ за заеднички настап или поддршка на локалните избори и дека затоа не му била важна нивната понуда. Неофицијално, Таравари бара поддршка од спротивниот табор за Гостивар и Врапчиште, во замена за поддршка на ДУИ во Чаир и Сарај.
Далиборка Демјанска