28.04.2025 02:40
Вести Македонија Топ вести

Салата за ангиографски интервенции се реновирала, една операциона не работела – се бара вина за смртта на пациент на Кардиохирургија

Недостасувал медицински материјал и не работела една операциона сала. Здравствените инспектори утврдиле дека на државна Кардиохирургија немало услови за изведување на итна интервенција кај пациентот Тони Ангелковски, кој почина чекајќи во здравствените ходници. Салата за ангиографски интервенции, единствена соодветна за вакви случаи, не била во функција поради реновирање, а клиниката располагала со ограничен број на стентови. Ова било констатирано при вонредната инспекциска контрола на ДСЗИ.

„Пациентот бил стабилизиран со терапија, но интервенцијата не можела да се изведе бидејќи недостасувал неопходниот медицински материјал, а во постојната сала не се изведувале такви процедури. Дополнително, истите услови недостасувале и на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија. ДСЗИ препорачува министерот за здравство да формира стручна комисија која ќе ја оцени работата на медицинскиот тим“, соопштија од Државен санитарен и здравствен инспекторат.

Министерот за здравство Арбен Таравари сè уште не го прочитал извештајот, но беше категоричен дека ако има пропусти ќе има и одговорност. Повтори дека ќе формираат стручна комисија која ќе проверува дали има грешка кај здравствените работници кои го лекувале Ангелковски. Министерот објаснува дека ако не работи операциона сала на Кардиохирургија, пациентите  за иста интервенција може да се оперираат на други клиники.

„На сите може да ни се случи тоа за среќа во Македонија имаме три клиники во кои се прават вакви операции. Тоа се две приватни и една државна. Дозволете ми да го видам извештајот, одговорност секако ќе има доколку има некој пропуст или грешка“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство. 

На 8 април, Тони Ангелковски, 57-годишен пациент, бил префрлен од ГОБ „8 Септември“ на државната Кардиохирургија како итен случај со болки во стомакот и градите. По направените испитувања, од Клиниката му соопштиле дека нема слободна сала за операција, а на Торакална хирургија биле расипани апаратите. Пациентот бил упатен во приватна болница, но и таму ги немале потребните материјали, по што Ангелковски повторно бил вратен на Кардиохирургија каде починал.

Семејството обвинува за лекарска негрижа и бараат одговорност за смртта на Ангелковски. Од Кардиохирургија негираа пропусти во своите редови, но објаснувајќи ја хронологијата на лекувањето на пациентот, потврдија дека една операциона сала не била во функција. Меѓу аргументите што ги понудија преку соопштение беше и тоа дека со евентуалната интервенција во друга сала која не била соодветна за ваква операција, шансите за преживување на пациентот биле само неколку проценти. Оттаму потенцираа и дека семејството одбило обдукција за причините за смртта.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рубио: Оваа недела ќе одлучиме дали ќе останеме во мировниот процес за Украина

Дејан Дејан

„Горан е тука“ – одбележани 73 години од раѓањето на Горан Стефановски

Дејан Дејан

СДСМ: Притисок со инспекции

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе