Од Мрежата за заштита од дискриминација бараат повлекување на владината одлука да го именува Петар Богојески за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +) кој треба да ја преземе функцијата на 15 мај 2025 година.
Од мрежата посочуваат дека Богојески не може да ја извршува таа функција „поради неговите изјави со вознемирувачки говор, навреди и говор на омраза, како и постапки кои се спротивни на европските вредности.“
Програмата Еразмус+ се стреми кон промоција на еднакви можности и пристапност, инклузија, диверзитет и правичност во сите активности кои ги поддржува и од мрежата велат дека „назначување на човек кој со своето однесување на социјалните медиуми секојдневно ги гази овие принципи и ги презира луѓето кои ги почитуваат, не само што не е основано, туку претставува и навреда на Програмата која постои повеќе од 35 години и која постојано вложува во развојот на младите“.
Од мрежата посочуваат и повеќе објави на социјални мрежи на Богоески кои покажуваат дискриминирачки и навредлив тон кон Македонци („нема попросто од македонче!“), за Албанци кои ги именува со навредлива именка, за жени (често навредувал и пцуел мајки, сестри или ронини на оние со кои дебатира), за лица што живеат со ХИВ („сериозно е ова пореметување поради ХИВ68“), на политичка основа, на етничка припадност па дури и на дебати за судирот на блискиот Исток (“На прашање на следбеник на социјалните мрежи дали поставеното прашање е наградно, Богојески одговара со „да! Ќе добиеш патување во Газа.“).
Мрежата за заштита од дискриминација потсетува дека во август 2024 година, Коалицијата „Вреди“(дел од актуелната владеачка коалиција која го именуваше) му поднела кривична пријава против него за објави на Фејсбук кои се сметаат за поттикнување на национална, расна и верска омраза.
Исто така Мрежата потсетува дека по исчезнувањето и откривањето на убијците на Вања Ѓорчевска и Панче Жеовски, Богојески „одржа прес пред МВР и Обвинителството, објавувајќи опасна, етнички обоена дезинформација за грабнувањето на Вања Ѓорчевска, со која ги разгоре социјалните мрежи. Тој тврдеше дека властите прикриваат убиство, наведувајќи дека „осомничените биле пуштени на слобода од полициска станица“ и прашувајќи „дали се веќе пренесени на Косово?!?“ Инаку сите обвинети се Македонци и тоа го објави Обвинителството по ширењето на шпекулациите на Богоески.
Мрежата објави и слики од објавите на Богоески пласирани на социјалните мрежи.
Петар Богоески е претседател на политичката партија Македонски концепт која е помал партнер во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и во владата на Македонија. Тој претходно обвини дека се креира атмосфера на јавен линч против него и се креираат лажни профили со негово име за да му наштетат. Обвини политички партии и поединци.
-Нивното делување има за цел создавање на атмосфера на јавен линч и поттикнување закани, со што директно се загрозени мојот личен и физички интегритет, но за жал и на моето семејство. Дел од тие креирани лажни профили и материјали, закани за физичка ликвидација и сл. веќе се пријавени во Министерството за внатрешни работи и надлежните институции преземаат мерки согласно законските надлежности, напиша на ФБ,Богоески.
-Потенцирам дека во претходните неколку денови беа креирани серија на лажни профили со мој идентитет, на сите можни социјални мрежи, за што јас навремено, јавно информирав. Нивната намена беше да фабрикуваат, а во текот на последните два дена масовно да споделуваат фалсификувани и креирани, не од мене ставови, статуси и коментари на социјалните мрежи, тврдеше Богоески.