За Алијанса има само две опции – заедно со Вреди или самостојно на локалните избори. Ваков е ставот на лидерот Таравари, кој категорично ги отфрла наводите дека преговара со ДУИ.
Во однос на ова прашање, останатите тројца лидери на коалицијата побараа да одбере страна, со пораката – не може и да биде дел од Вреди и да преговара со интегративците.
„Јас сакам да биде јасно. Имаме две опции како Алијанса за Албанците – едната е да продолжиме со Влен и втората е да излеземе сами. Имаме одредени општини каде што мислиме дека и сами би направиле добар резултат, така што изборот е помеѓу овие две опции. Нема трета опција.
– Кои се тие општини за коишто мислите дека имате добри шанси?
Ете, Гостивар, Врапчиште, Дебар, Боговиње, Теарце. Ние не мислиме дека ќе победиме меѓутоа мислиме дека можеме да направиме добар резултат. Сарај, Липково исто така. Меѓутоа, ајде да видиме. На крај граѓаните одлучуваат?“, одговара Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците.
Лидерите на Вреди во изминатиот период не се воздржуваа и од јавни препукувања, што ги направи очигледни несогласувањата во рамки на коалицијата која е дел од Владата.
„Не е случајна и народната поговорка – тој што ќе се оддели од групата, ќе го јаде волкот“, кажа претседателот на БЕСА, Биљал Касами (13.04.2025).
„Тоа е негов став, јас мислам дека избрзува кога дава изјави. Меѓутоа, тоа е негова работа“, одговара Таравари.
Одлуката за тоа како ќе продолжи Алијанса за Албанците, Таравари најави дека ќе се носи утре на Централно претседателство на партијата.
Меѓукоалициските односи добија нов тек по конфликтот околу прераспределбата на добитните градоначалнички и советнички позиции на изборните листи.
Петар Догов