Три месеци откако пропадна една интерпелација за него, министерот за внатрешни работи е соочен со нова. Левица утрово почнаа нова постапка за Панче Тошковски, базирана на десет основи од кои пет се директно поврзани со трагедијата во Кочани.
„Од позиција на министер за внатрешни работи грубо ја занемарил и несоодветно ја извршувал својата јавна функција постапувајќи нестручно, непрофионално, несовесно и неодговорно“, рече Сашко Јанчев, пратеник од Левица.
Социјалдемократите ќе ја поддржат интерпелацијата затоа што сметаат дека одговорноста мора да почне со најодговорниот, а тоа за нив е Тошковски.
„По најголемата трагедија во државата требаше да има морална одговорност на оној кој бил на чело на институцијата задолжена за безбедноста, а тоа е МВР. Кривичната одговорност е нешто што треба да го утврди истрагата. Во изминатата година се случија и еден тон скандали поврзани со работата на МВР, што отвора сериозни прашања за нефункционалноста на безбедносниот апарат, безбедноста и сигурноста на граѓаните, велат од СДСМ.
Од ДУИ најавија дека првин сакаат да ја разгледаат интерпелацијата, па потоа ќе се изјаснат за неа. Но, потсетуваат дека и тие самите веќе имаа една иницијатива, а со денови бараат одговорност од министерот за текот на истрагата.За министерот, пак, ова е доказ дека е на вистинската страна.
„СДСМ, ДУИ и Левица шират во јавноста манипулации, но добро е македонските граѓани да ги видат на иста страна тие кои 20 години ја уништуваа државата и тие кои немаат заковано клинец. Тогаш знаете дека сте на правилната страна“, изјави Тошковски.
Тој има 15 дена да ги срочи своите аргументи во одговор на подносителите, по што интерпелацијата ќе се најде пред пратениците.
Далиборка Демјанска Цветановска