Во Основниот суд во Струга и денеска се одржаа судски предмети против градоначалникот Рамиз Мерко, овојпат за незаконско поставување директори на училишта во Лабуништа, Радолишта, Подгорци и „Браќа Миладиновци“ во Струга, како и за училиштето во Велешта, за кое се води одвоен предмет.
Основното јавно обвинителство Струга го товари струшкиот градоначалник за несовесно работење. Во судската постапка за училиштето во Велешта има и други обвинети кои се товарат за „Несовесно работење во службата“, а дел од нив се гонат и за кривичното дело „Фалсификување исправи“.
Бранителот на обвинетата Егзона Шеи, која се сомничи дека ја фалсификувала дипломата, рече дека на обвинителната клупа не се седнати лицата кои ја фалсификувале исправата, туку Егзона за која, како што тој тврди, нема докази за утврдување на вина.
Сведокот Урим Каба, кој требаше да биде донесен со полициска асистенција, поради здравствени причини не се појави во судницата, но судијата Јордан Јованов рече дека биле обезбедени сите механизми тој да биде донесен на следната расправа.