Вести Свет Топ вести

Трамп: Ако ЕУ не сака царини, нека купат енергенси од нас за 350 милијарди долари

Европскиот предлог за нулта царински стапки не значи ништо за Соединетите Американски Држави. Советникот за трговија во Белата куќа, Петер Наваро, кој се смета за клучен архитект во царинската офанзива на Вашингтон, порача дека Брисел ќе мора да ги намали и нецаринските бариери, меѓу кои и прописите за безбедност на храна, но и оние кои создаваат данок на додадена вредност.

Европската комисија предложи воведување на 25% одмазднички царини за различни американски производи како одговор на царините што ги воведе Доналд Трамп за челик и алуминиум. Дел би требало да стапат на сила на 16 мај, додека остатокот ќе бидат применети на 1 декември. Меѓу производите кои ќе бидат погодени се дијаманти, јајца, колбаси и месо од живина. Но, ставот на министрите за трговија на земјите членки на ЕУ е да се даде предност на преговорите пред одмаздата.

И претседателот Трамп ја оцени понудата на Европската Унија како недоволна. Нагласи дека американскиот дефицит во трговијата со Брисел изнесува 350 милијарди и дека тој набрзо ќе исчезне. Објасни и како.

„Еден од начините на кои може лесно и брзо да исчезне е да купат енергенси од нас, затоа што им се потребни. Ќе мораат од нас. Можат да купат. Можеме да анулираме 350 милијарди долари за една недела“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп. 

Најголем дел од притисокот од новите тарифи на Вашингтон, сепак, е насочен кон Пекинг. Трамп се закани од дополнителни царини од 50 отсто за увоз од Кина чие министерство за надворешни работи порача дека ќе преземе контрамерки. Дел од нив би задирале во културата и во безбедноста, меѓу потенцијалните одговори се споменуваат забрана за холивудски филмови и прекин на соработката во борбата против криумчарење на фентанил. Кина одбива преговори, со јасна пресметка дека подобро е да се плати цената на отпорот, отколку да изгледа дека некој ја принудил да попушти.

„Ова е типичен чин на унилатерализам, протекционизам и економско малтретирање, кој наиде на широк отпор од меѓународната заедница. Кина остро го осудува и цврсто се спротивставува на ова“, порача портпаролот на министерството за надворешни работи на Кина, Лин Јиан.

Компанијата Епл најави можност за селење на производството од Кина за избегнување на американските царини. Дел од светските компании, пак, решија привремено да запрат со испораки на производи во САД. Меѓу нив се Јагуар, Ланд Ровер, Ренџ Ровер, Нинтендо, како и хит детски играчки на реномирани брендови кои се произведуваат во Кина, се додека не видат во која насока ќе одат трговските преговори.

Дел од американските медиуми објавија дека Илон Маск, наводно, побарал од Трамп да ублажи или укине дел од тарифите. И додека светот е среде турбуленции и неизвесност, берзите за првпат бележат мал пораст од т.н. „Ден на ослободување“ на Трамп и особено од „црниот понеделник“ и дебелите минуси.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обвинителството за сите 14 полицајци во истрагата за Кочани побара мерки на претпазливост, притворот укинат и на 7-те од првата група осомничени

Дејан Дејан

(Анкета)Битолчани и вечерва на протест против  Регионална депонија  

Дејан Дејан

Телма интервју со Еленко Миланов, адвокат на екс министрите за економија Бектеши и Незири за случајот во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе