Двајца пациенти кои се лекуваат во Полска и во Белгија денеска се враќаат во Македонија. До крајат на неделева се очекува поголем број на пациенти кои се хоспитализирани во странство да се вратат дома, најави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Во Македонија во моментов се лекуваат 20 пациенти – пет во Клинички центар, седум во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, пет во ГОБ „8 Септември“ и тројца во приватните болници. Во странство се хоспитализирани 80 пациенти од кои тројца во критична состојба.
„Едниот пациент, кој што беше критичен, сега е многу подобар. Да бидам прецизен, подобар. И веќе бројката на покритични пациенти се намалува на три. Меѓутоа ова не значи дека така ќе продолжи. Кај некои пациенти, за жал, има флуктуација во нивната здравствена состојба“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Засега се очекува полесните пациенти да се вратат во земјава, вели Таравари, додека за потешките случаи на кои им е потребна рехабилитација ќе се разговара следната недела.
„Кажав дека имаме неколку опции за да го адаптираме некогашниот ковид центар во ГОБ „8 Септември“. Центарот за рехабилитација во Козле, исто така, е подготвен за повеќе кревети. Меѓутоа, имаме понуди и надвор од државата кои би биле рехабилитирани подолгорочно, нормално без трошоци од државата“, додаде Таравари.
За пациентите на домашно лекување во Кочани ќе продолжат да се испраќаат мултидисциплинарни тимови, составени од пластични хирурзи, психолози и психијатри.
Нина Стефанова