Вести Македонија Топ вести

Доревски: Објектот во Кочани не смеело да се дозволи да се користи како дискотека

Цел комплекс на неисполнети обврски предвидени со законите имало во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде во неделата загинаа 59 млади луѓе, а скоро 200 се повредени.

„Не би смеело да се дозволи тој објект од старт да се користи за дискотека, зашто не била запазена ниту една мерка за противпожарна заштита“, вели експертот за корпоративна безбедност и противпожарна заштита Зоран Доревски во интервју за КОД.

Тој вели дека е очигледно дека изолацијата не била соодветна, и оти немало доволно излези за брза евакуација на гостите. Подзаконските акти прецизно ги утврдуваат сите овие елементи во зависност од големината на објектот и капацитетот на гости, вели тој.

„Овој објект со таа димензија која ја добивме преку медиумите би требало да има најмалку два или три излезни коридори кои по стандард треба да бидат 180 сантиметри. Не можеше според снимките добро да се види колкава била ширината на едната врата, но сосема е јасно дека таа една излезна површина веќе го угушила моментот на евакуација и настана сè она до кое дојде“, вели Доревски.

Пожарот во дискотеката, според првичните информации, настанал од пиротехничките средства, користени од нестручни лица. Брзото ширење укажува на користење несоодветна изолација.

„Прво е направено законско пречекорување што воопшто не е известен надлежниот орган, а тоа е Дирекцијата за заштита и спасување, која согласно проценката и согласно другите варијабли – ширина, висина, содржина, процес што ќе се одвива во објектот, да направи проценка и да одлучи дали ќе дозволи употреба на пиротехнички средства“, вели Доревски.

Доревски укажува и на слабиот капацитет на институциите кои треба да вршат инспекција. Според него, Дирекцијата за заштита и спасување барем еднаш годишно треба да изврши инспекција на сите вакви критични објекти во кои се собираат голем број луѓе.

„Колку што јас имам информации, вакви инспекции воопшто не се извршени. Тоа се должи и на објективен момент, што Дирекцијата, повторно согласно моите информации, воопшто не е екипирана за темелни инспекциски контроли. А второ, Дирекцијата, ниту со ресурси, ниту со капацитет, може да изврши квалитетна контрола на еден објект. На пример, дали апаратите се соодветно сервисирани, дали хидрантската инсталација има соодветен притисок“, вели Доревски.

Тој укажува дека Дирекцијата со години се користи за меѓупартиски пазарења и стануваше како партиска експозитура и нејзиниот капацитет постојно се намалуваше.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почнува судењето за сообраќајката во која беше прегазена Кулакова

Дејан Дејан

Почина застреланиот странец во Штип, убиецот пробил полициска блокада на патарина, но е уапсен

Дејан Дејан

Променливо облачно со сонце и нестабилно – Временска прогноза за 10.5.2025

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе