Компанијата на канадско-американскиот бизнисмен со македонско потекло, Крис Павловски, отвори подружница во Македонија. „Рамбл клауд“ е регистрирана на адреса во центарот на Скопје, а нејзини управители се самиот Павловски и Брандон Александрофф од Тронто, објави Призма.
Павловски важи за човек близок до актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Основна дејност на копманијата „Рамбл клауд“ е „компјутерска инфраструктура, обработка на податоци, серверски услуги и сродни дејности“ и таа е замислена како алтернатива на „Јутјуб“.
Премиерот Христијан Мицкоски уште на 19 јануари годинава објави дека во Вашингтон имал исклучително продуктивен долг состанок со Крис Павловски сопственик на Рамбл компанијата каде дел од акционерската структура се и Хауард Лутник, новиот министер за економија на САД и ЏД Венс потпретседател на САД како дел од новата администрација на претседателот Трамп.
Во постот премиерот наведе дека капиталот на Павловски од списанието „Форбс“ е проценет на 1.2 милијарди долари.
Тој отворено кажа дека за време на разговорот се зборувало за инвестиции на Рамбл во Македонија во делот на дигитализацијата.
Премиерот повторно е во Вашингтон на конференција на конзервативците каде билетите чинат минимум 95 долари, а ќе може да се слушнат и политичари и пејачи и водители и антиваксер.
Од Владата потврдуваат – премиерот Мицкоски оди во Вашингтон за да присуствува на Конференцијата на конзервативна политичка акција. Настанот со ваков наслов ќе трае од 19 до 22 февруари и е годишна политичка конференција на конзервативните активисти и функционери републиканци од САД, но има и гости странци.
На прашањето – на чиј трошок е Мицкоски таму и со кого ќе се сретне, од владата без прецизен и транспарентен одговор.
Премиерот Мицкоски ќе присуствува на конференцијата на конзервативците во Вашингтон
Уште во септември минатата година, Девин Нунес, поранешниот конгресмен кој ја води компанијата „Truth Social“, допатува во земјава во време кога Доналд Трамп беше во трка за претседател на САД. Тој се сретна со Христијан Мицкоски објави порталот Propublica.
Претходно во текот на летото, Девин Нунес, извршен директор на „Трамп Медиа“ и поранешен конгресмен од Калифорнија, дојде во Скопје.
Мицкоски во интервју за Телма потврди дека во делегацијата американски бизнисмени биле луѓе многу блиски до Трамп.
- „Станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт. Крис Павловски е со македонско потекло, тој работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање на ‘Рамбл“ (Rumble), која е многу важна во процесот на дигитализација, а луѓето кои беа тука, господинот Хауард и господинот Нунес, се двајца кои се од кругот на најблиските соработници на експретседателот на САД, Доналд Трамп, и тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигитална трансформација“, изјави Мицкоски во интервју за ТВ Телма (22.07.2024).