Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) може да се развива во нагорна линија, кажа претседателот Живко Грозданоски на денешното чествување на 78-годишнина од формирањето. За таа цел, потребно е доработка на програмата за работа за оваа година и изготвување на десетгодишна Стратегија, рече претседателот пред присутните.
„Од одржувањето на тоа Собрание, на 1 јуни лани, па наваму, се движиме само нагоре. Се остваруваат соработки. Но, верувам и сите знаеме дека, може и нема да речам треба, просто може да се развива Друштвото во уште понагорна линија“, изјави Живко Грозданоски, претседател на ДПМ.
На свеченоста беа врачени традиционалните награди за најдобрите книги објавени лани. Жарко Кујунџиски за збирката раскази „Приказничар“, во издание на „Антолог “, ја понесе наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело.
„Ако успеат и овие приказни од „Приказничарот“ да бидат во дослух и да адресираат слични цели како литературата на Стале Попов, јас мислам дека сосема е оправдана наградата“, изјави Жарко Кујунџиски, добитник на наградата „Стале Попов“.
Иван Џепаровски за збирката песни „Посвети и пофалби“, во издание на „Дијалог“, ја освои наградата „Ацо Шопов“.
„Наградата „Ацо Шопов“за мене има огромно значење. Затоа што јас сум и професор и поет. И тоа професор по Филозофија, односно по Естетика. Ацо Шопов, малкумина знаат дека има дипломирано Филозофија на Филозофскиот факултет. И тој е поет, чија што поезија е целосно опфатена и од филозофскиот дискурс“, рече Иван Џепаровски, добитник на наградата „Ацо Шопов“.
Иван Антоновски за книгата за деца и млади „Бакнежи на небото“, во издание на „Светулка“, ја доби наградата „Ванчо Николески“.
„Сѐ убаво што постои на светот, создадено е од љубов. Тоа е мотото и дел од пораките што ги пренесува книгата „Бакнежи на небото“. Од многу љубов и со многу љубов е создадена и оваа книга“, изјави Иван Антоновски, добитник на наградата „Ванчо Николески“.
Наташа Аврамовска за „Книжевни паметници“, во издание на ИМЛ, ја понесе наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики и есеи.
„Во Македонија оваа награда е единствена што ја доделува фелата во областа, не само на книжевната критика, туку воопшто и на книжевните науки и Теорија и Книжевна историја. И во таа смисла, со оглед на тоа што доаѓа како награда од фелата, таа е голема чест и обврзува“, истакна Наташа Аврамовска, добитничка на наградата „Димитар Митрев“.
А, наградата „Мост“, за најдобро остварување на еден од јазиците на националностите, ја доби Гордана Јовиќ Стојковска за книгата „Беше еднаш една куќа“ во издание на „Слово Љубве“.
„За денешните настани и сѐ што не опкружува , се што живееме , барам некои потекла и некои можности. Ова е токму приказна за тајната на куќата . Значи, тајната на куќата е она што го имаме во себе. Ние сме куќи“, изјави Гордана Јовиќ Стојковска, добитничка на наградата „Мост“.
Во организација на Културно-информативниот центар на Македонија во Турција, наградените автори ќе го посетат Истанбул и ќе се сретнат со турските писатели.
Сотир Трајков