Вредноста на најголемите американски технолошки компании забележа остар пад по денешното отворање на пазарите поради појавата на евтината кинеска верзија на чат бот, DeepSeek. Апликацијата која беше лансирана само минатата недела ги надмина далеку поскапите конкуренти, како ChatGPT, и стана нај симнуваната апликација во САД.
Популарноста на DeepSeek, развиен за само дел од цената потребна на неговите конкуренти, ги потресе пазарите. Западните компании кои директно или индиректно се поврзани со развојот на вештачка интелигенција претрпеа тежок удар на денешните тргувања, на кои можеше да се забележи како голем дел од трговците со акции ги повлекуваа своите средства од нив.
Идејата за евтина кинеска верзија не беше баш во преден план, и затоа ги изненади пазарите. Кога ненадејно ќе го добиете овој евтин модел на вештачка интелигенција, тоа кај конкурентите ќе покрене прашања за профитот, особено имајќи ја во предвид веќе вложената сума во далеку поскапа инфраструктура, изјави аналитичарката во City Index, Фиона Синкота.
Најтешко погоден е гигантот Nvidia, кој за неколку часа загуби дури 500 милијарди долари од вредноста, додека удар претрпеа и Microsoft и Meta. ASML, холандскиот производител на чипови загуби повеќе од 10 проценти од својата вредност, додека пак вредноста на Siemens Energy, кој произведува хардвер потребен за развој на вештачка интелигенција падна за дури 21 процент.
Аналитичарите влијанието на DeepSeek го споредија со лансирањето на советскиот сателит Спутник во 60-те години на минатиот век, посочувајќи дека ги става под голем знак прашалник плановите на големите американски компании, кои минатата недела потпишаа договор со новата администрација на Трамп за инвестирање на 500 милијарди долари во развој на вештачката интелегенција.
Компанијата која стои зад DeepSeek е основана во 2023 година од 40 годишниот информатички и електроинженер Линаг Венфенг во кинескиот град Хангжу.
Основата на неговиот модел на вештачка интелигенција се чиповите А100 токму на Nvidia, според пресметките на некои од аналитичарите дури 50.000 такви чипови, кои од минатата година САД и европските земји забранија да бидат извезувани во Кина.се забранети за извоз во Кина. Венфенг, успеал овие висококвалитетни чипови на Nvidia да ги спои со далеку понеквалитетни и евтини варијанти, чиј извоз во Кина сѐ уште е дозволен.
Чатботот е програмиран врз основа на бесплатниот модел DeepSeek-V3, за кој неговите истражувачи тврдат дека бил развиен за само 6 милиони долари, далеку помалку од конкурентските верзии на Open AI и останатите западни компании.
Забраната за извоз во Кина на технологија која може да се користи за развој на вештачка интелигенција ги натера кинеските истражувачи да користат бесплатни кодови и моделите да ги споделуваат меѓу себе, разгледувајќи бројни нови пристапи до развивање на оваа технологија. Тоа доведе до развој на модели на вештачка интелигенција за кои е потребна далеку помала компјутерска моќ.
Тоа исто така значи дека тие чинат многу помалку отколку што претходно се сметаше, а самото тоа има потенцијал да предизвика револуција на пазарот.
Сепак, дел од експертите предупредуваат дека ограничувањата до пристап на висока технологија за кинеските истражувачи претставуваат пречка, и предност за американските компании како Open AI.