Заменик директорот на Македонија пат застрелал мечка која со закон е целосно забранета за лов, обвини здружението за заштита на животни „Анима мунди“ која најави кривична пријава против Сашо Дранго, државен функционер кој доаѓа од Демир Хисар. Интернетот брзо беше преплавен со реакции од граѓаните, како и друштва за заштита на животните кои го осудуваат овој чин како неетички и незаконски, споделувајќи ги фотографиите на Дранго на кои тој позира со мртвото животно.
Според информациите кои ги објави „Анима мунди“, Дранго мечката ја застрелал во декември 2024 година. Според нив ова не е само кривично дело туку и тежок удар за угледот на институцијата која тој ја претставува и очекуваат негово разрешување.
„Таа фотографија со сите детали ни ја испратија на нашата електронска пошта. Исто така ни кажаа дека имало и обид да се пријави, но тоа било скриено дури и од лица кои работат во МВР. Уште пострашен е фактот што се работи за носител на јавна функција заменик-директор. Јас очекувам дека надлежните институции сериозно ќе се занимаваат со ова, добро ќе го истражат ова и тој ќе одговара како што налага кривичниот законик“, изјави Гизела Бошковска Георгиевска од Анима Мунди.
Иако на фотографијата јасно се гледа дека заменик директорот носи и пушка со снајперски дурбин и стои покрај мртва мечка, во снег, среде шума, тој негира дека ја убил. Вели дека мечката била усмртена при сообраќајна несреќа. Потенцираше дека решавање на случајот ќе бара преку судски процес. Тој сподели дека во лов на мечки бил во Финска од каде има фотографии со мечки.
„Сега пред еден месец имав случка и слика со мечка која на патниот правец Битола-Ресен беше усмртена при сообраќајна незгода. Па како вработен во Македонија пат бев таму за што има записник и во полициската станица во Битола и таа мечка ја отстранивме од коловозната лента во месноста Ротино-битолско. Станува збор за таа мечка која е на фотографијата“, изјави Сашо Дранго, заменик-директор на Македонија пат.
Според македонското законодавство за мечката има трајна забра за лов. Во Законот за дивечот и ловството, во Член 11 стои дека мечката како дивеч е под заштита и секое нејзино ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането, додека во член 14 е наведена трајната забрана за нејзин лов.
За отстрел на мечка предвидена е и парична казна и тоа од 18.000 евра за мечка постара од две години, додека Кривичниот законик на Македонија во Член 228 предвидува и затворска казна до три години за ловењето на дивеч под заштита, како што е мечката.
Тамара Марковска