Околу 1500 деца од прво до деветто одделение нема да одат на настава се додека надлежните не го префрлат во друго училиште, ученикот кој има историја на насилство, велат од советот на родители. Додаваат дека се против овој бојкот, но поради низата инциденти на соученикот,секојдневието на децата е комплетно нарушено. Побараа од институциите да престанат да си ја префрлаат топката и да го решат проблемот.
„Сите оние чекори кои што ги имаме преземено немаат донесено никаков резултат, напротив ситуацијата е влошена и апелираме да се случи решение што поскоро додека не дошло до ескалација која што ќе има трајни последици иако веќе имаме деца кои што одат на психолошка помош заради проблеми кои што ги имаат со ова дете, и затоа апелираме да се имплементира онаа одлука од страна на надлежните дека најдобро за детето би било тоа да промени средина за да може да се имплементира во новата средина каде што веќе ќе почне одново, а не нарушено како што е до сега случај“, вели Зафир Делиуланов претставник од Совет на родители на ООУ Лазо Ангеловски.
Средбата во Министерството за образование и наука со претставници на засегнатите страни заврши. Целта на ваквите состаноци според МОН е да се дефинираат мерки и активности што ќе треба да се применат,но без да прецизираат какви.
„На иницијатива на МОН е формирана интердисциплинарна комисија составена од претставници на министерството, Бирото за развој на образованието, општината, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветно мерки и активности согласно законската регулатива, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволирани“, велат од МОН.
Пред два дена бојкотираа и родители на деца од основното училиште „11 Октомври“ поради обид за трансфер на третооделенецот. Прво не дозволуваа нивните деца да одат на часови се додека овој проблем не се реши, но од денеска тие се вратија во училишните клупи.
Симона Петровска