Педесет и два милиони евра авансна буџетска и поддршка за реформските закони предвидени во Планот за раст, кои треба да се донесат до крајот на годинава, ќе добие Македонија, откако Собранието претходно ќе ги ратификува потребните договори со Европската Унија (ЕУ). Дополнително, за реформите предвидени да почнат до јуни догодина, веќе во јули ќе може да се повлечат уште 20 милиони евра, од 750 милиони, колку што тежи Планот за раст. Во декември догодина, пак, уште 70 милиони евра.
Така, по принципот реформи за пари, ќе функционира Планот за раст на ЕУ беше објаснето на брифингот на министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
Конкретните реформски закони кои треба да се донесат до крајот на годинава јавно ќе бидат познати до понеделник, но според документот што го има Телма, првите обврски се во министерствата за финансии, за економија, за животна средина, енергетика, за правда и за транспорт.
Во Планот за раст всушност, секоја реформа има своја цена, како и секоја мерка за нејзино спроведување. Па така, сите реформи што треба да се спроведат до август 2027 година во јавните финансии и администрацијата чинат околу 111 милиони евра, за зелена енергија – 145 милиони, за дигитализација – 67, за владеење на правото – 148 милиони. Но, ако институциите се амбициозни и успешни, ќе можат на пример, и порано да повлечат пари кои биле предвидени за 2026 или 2027 година, ако предвреме ги завршат реформите.
Министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани, на брифингот на кој ги претстави принципите на Планот за раст, најави дека ќе се формира посебен тим за следење на исполнувањето на реформите. А на неговите колеги министри во Владата ќе им дели црвен, жолт и зелен картон за исполнувањето на обврските и тоа јавно ќе го објавува.
По принципот реформи за пари, за да ги добие 750 милиони евра, Владата ќе мора почнувајќи од годинава до август 2027-ма да спроведе реформи во пет области, со носење на 37 реформски закони и стратегии и тие да се спроведат низ 137 конкретни мерки.
Телма веќе објави дека реформите на судството ќе мора да се спроведат без изборната заложба на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на судскиот и советот на јавни обвинители. Од останатите обврски, меѓу другото, до година ќе мора да се изврши реизбор и на сите директори на државните претпријатија, според професионални критериуми, ќе треба за половина да се намалат 100 процедури за работа на малите и средни претпријатија, а не само што ќе се продолжи да се гради пругата кон Бугарија од Коридор 8, туку треба да почнат и подготовки за делницата кон Албанија .
Боби Христов
