Запознавање меѓу двата состави на историчарите, дискусија за принципите на работа и за протоколарни теми и прашања, но и за прашања кои беа камен на сопнување се нашле на првиот ден од 32 состанок на историската комисија.
„Повеќе разговараме околу технички, протоколарни и општи прашања по кои тешко, се запознавме, по кои тешко се наоѓа решение. Но тоа не значи дека го загубивме денешниот ден. Не знам, уште немаме конкретно мислење. Нека поминат две три средби“ изјави Ангел Димитров.
Дел од членовите на Комисијата не открија дали ќе бараат ревидирање на дел од одлуките кои ги донесе претходниот состав.
Историчарот Митко Панов изјави дека тој и неговите колеги треба да ја запознаат методологијата и концептот на работа и дека очекува слободно изразување на ставовите на членовите односно на македонската историографија додека Димитров во изјава за бугарските медиуми кажа дека очекува македонскиот тим во комисијата да продолжи со остриот тон на Владата.
На почетокот на септември Владата ги именуваше новите членови на комисијата и за копретседател го назначи професорот Ванчо Ѓорѓиев кој извесно време беше дел од минатиот состав.
Досега Комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.
Oгнен Чанчаревиќ
