Дел од трговците во државава имаат со сличен став како претседателот на најголемата стопанска комора Бранко Азески дека е кус периодот за да се прилагодат на Законот со кој треба да се намалат профитните маржи. Законот беше донесен во март годинава и треба да почне со примена на 28 септември. Според познатиот скопски бизнисмен Даути, тоа треба да се случува со завршување на календарската година, кога се прават годишните договори за да имаме доволно време за имплементирање. Добавувачите и производителите треба да имаат време за да се информираат, со што би ги намалиле нарачките, што подразбира намалување и на продажбата.
„Треба уште еднаш суштински да се простудира, да може да се опфатат и другите производи, освен земјоделски, прехранбени и производите за широка потрошувачка. За да може слободно да се формираат цените од комерцијални мерки, не од доминантните позиции кои ги имаат одредени малопродажни субјекти на пазарот“, изјава телефонски Џемаил Даути, генерален менаџер на „Даути комерц“.
Додава дека треба да се укине практиката за лимитирање на цените, што најчесто ја употребуваше претходната влада и цените на пазарот треба слободно да се формираат, со правила на игра за сите да имаат ист третман на пазарот.
Според Даути, таму каде што се појавува заработка од доминантна и монополска позиција на пазар, треба да делува Комисијата за заштита на конкуренција која има законска обврска да го реши тоа.
„Ако владата сака да има и социјални и економски ефекти, треба да преземе други мерки за да се делува во намалување на цените, а тоа е создавање на здрава конкуренција и тргање на царинските ставки“, додава Даути.
Производителите се скептични дека со законот со кој се намалуваат маржите, ќе се стави ред на цените во маркетите. Тие токму високите профитни маржи ги посочуваат како еден од главните проблеми за она на што сведочиме денес, но се убедени дека оние кои заработуваат, нема лесно да се откажат од овие пари.
Во изминатите денови, коморите излегоа со различни ставови за Законот. Првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески прво испрати писмо до премиерот Мицкоски во кое бараше измени на законот и негово пролонгирање, но веќе следниот ден испрати нов допис во кој наведуваат дека се откажуваат од барањата во претходното писмо.
Сојузот на стопански комори и Стопанска Комора на северо-западна Македонија со некои нешта се согласуваат со Азески, но со дел од барањата не. Со законот паралелно се донесе и листа со над 2.500 производи чии маржи не треба да бидат повисоки од 10 отсто.
Нина Стефанова