Дождот кој заврна попладнево помогна да се стави под контрола големиот пожар во Мариово, но сепак сѐ уште не е целосно изгаснат. Гори на неколку места со слаб интензитет. Временските прилики им помогнаа на лицата кои веќе една недела на терен учествуваа во борбата со огнената стихија, која беше со периметар од над 100-тина километри и зафати површина од околу 15.000 хектари. Под контрола се и останатите два пожара во прилепско.
„Дождот кој заврна во прилепско помогна во гаснењето на пожарот во мариовскиот крај. За жал сѐ уште не е изгaснат целосно, има горење со слаб интезитет на неколку места“, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во гаснењето на пожарот во Мариово, кој беше оценет како најголем и најкомплициран, учестуваа над 200 професионалци на терен, а помошта од воздух не беше целосна. Во функција бил само еден „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, затоа што останатите два се неисправни. И полициските хеликоптери не биле вклучени, поради истата причина, информираше денеска директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
„Во гаснењето на пожарот помогна и еден „Ер трактор“ на ДЗС. За жал, другите два се неисправни и не можат да летаат. Истото се случува и со двата полициски хеликоптера кои се неисправни, но оптимисти сме дека во текот на утрешниот ден големиот полициски хеликоптер ќе биде функционален и ќе можеме да го користиме во текот на утрешниот ден“, изјави Ангелов.
Како активни се водат пет пожари на отворен простор, регистрирани во текот на денешниот ден во земјава. Според информациите на ЦУК под контрола се пет, а изгаснати се 16.
Данијела Билбилоска