Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го потпиша указот за Законот за измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Во објава на Фејсбук, таа појаснува дека се работи за закон кој се носи со двотретинско мнозинство којшто претседателот, согласно членот 75, став (4) е должен да го потпише, односно на кој нема право да стави вето.
Според неа законот е реформски и со него прво ќе се анулира паралелизмот на надлежностите на многу министерства, со што ќе се обезбеди функционалност и одговорност, второ ќе се дислоцираат надлежностите во соодветните министерства, со што ќе се рационализира и ефектуира нивната работа, трето ќе се институционализираат стратешките приоритети преку формирање соодветни министерства и четврто, ќе се подигне нивото на општествената грижа за физичкото и менталното здравје на нацијата.
Законот беше донесен доцна вечерта во петокот со двотретинско мнозинство. Поддршка дадоа 88 пратеници, а 22 беа „против“.
За измените на Законот гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“, партијата ЗНАМ, како и пратеници на Европскиот фронт предводен од ДУИ.