Средношколците не се доволно информирани за нивните основни права и обврски како граѓани. Имаат само делумни познавања за теми кои што се важни, како кривична одговорност, насилство, репродуктивни права, велат од Правната клиника при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, кои во соработка со невладина организација „Шега“ ја спроведоа Програмата за правна едукација на млади за родови прашања.
Арта Мерол, професорка по семејно право, смета дека овие теми треба да се воведат во редовното образование.
„Можам да заклучам дека до некаде не се информирани за некои основни, како на пример сексуална, правна и економска едукација, овие се основни теми кои во текот на целиот живот нам ќе ни бидат потребни и мислам дека треба да се воведат и вос редните училишта, ако не како облигациони, барем како изборни предмети. Видете, да не знаете на пример до која возраст вашите родители имаат одговорност кон вас, мислам дека малку е проблематично“ – изјави Арта Мерол, координаторка на Правната клиника, професорка по семејно право
Потребата за спроведување на Програмата за правно образование на младите се истакнала по спроведена анкета.
„На пример не беа запознаени за годишната возраст на кривичните дела, или пак за семејно насилство, колку нашето законодавство е згрижувачко и колку може да им помогне на жртвите на семејно насилство. Значи имаме еден многу добро конституиран закон но во спроведувањето имаме многу проблеми. Имаме многу разновидни злоупотреби сега онлајн, сајбер насилство, да бидат информирани за некои злоупотреби кадешто тие несвесно можат да бидат жртви на некое кривично дело“ – изјави Арта Мерол, координаторка на Правната клиника, професорка по семејно право
25 ученици од средните училишта во Тетово во изминатите 5 недели учествуваа на организираните сесии, на кои освен професори, добиваа и практични совети од судии, гинеколози, психолози.
Данијела Билбилоска