Бедри Зекири добил негативно мислење за помилување од министерството за правда, иако се најде на списокот на затвореници кои ги помилувал претседателот Стево Пендаровски, објави „Фокус“, повикувајќи се на извори од Министерството.
„Зекири делумно се ослободува од натамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор, односно казната му се намалува за шест месеци“, се вели во одлуката објавена во „Службен весник“.
„Фокус“ пишува дека Зекири е новото презиме на Бедри, кој порано се презивал Бериша и дел е од новата наркогрупа „Барон“ која се обидува да направи превласт во скопското подземје по пресметките меѓу лидерите на двете главни групи – „Дуќанџик“ и „Беланоца“.
По веста за помилување на Зекири се огласија и од Кабинетот на претседателот. Од таму објаснуваат дека Зекири поднел молба за помилување за две кривични дела, а со помилувањето од шест месеци ќе треба да издржува затворска казна до 2027 година.