Ова се „брзите ленти“ на Меѓународниот аеродром – Скопје на кои од почетокот на годината побргу ќе можат да излегуваат и да влегуваат во Македонија, нашите иселеници на кои МНР им издаде Мкарти.
Меѓу 69 истакнати македонски граѓани од дијаспората кои можат да ја користат оваа поволност се: докторот Иво Бошкоски и оперскиот пејач Благој Нацоски од Италија, уметничката Виолета Чаповска од Австралија, бизнисменот Аднан Асановски од Данска, новинарката Емица Ниами Налбантиќ од БиХ, Љупчо Петровски од Кина, Јасмина Шопова од Франција, Катерина Настевска и Кумрије Рушити од Норвешка.
Но, има и имиња на бизнисмени кои се пробале во македонската политика. На листата како човек од САД со Мкарта е и радовишанецот Ристо Гуштеров, бизнисмен кој не помина на избори. Американец е и Глигор Ташковиќ, беше министер во владата на Груевски, советник во владата на Заев. Во време на короната бил опфатен во истрага за измама за продажба на заштитни маски во Њујорк. Најмногу, 13 носители на Мкарта има од Норвешка, потоа има 8 од Данска и шестмина од Америка. Но земји со голема македонска дијаспора како Шведска не се на листата, а од Австралија има само тројца за влез преку брзата лента.
Откако стапи на сила оваа поволност на лица кои се помалку или повеќе познати на јавноста, предизвика бура од реакции. Дали се работи за дискриминација во однос на останатите граѓани и иселеници, ќе одлучува Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на седница по празниците, кажа претседателот Камбери.
Според министерот за надворешни Османи, добивањето Мкарта не е привилегија каква што уживаат дипломатите во земјава, туку е само искажување почит и благодарност за трудот со кој нашите иселеници во странство преку работата делуваат како амбасадори на Македонија, а намерата е и да се вклучат во развојот на нашата држава.
Иако од МНР најавија дека Мкарта за брз влез и излез на аеродромот ќе добијат оние наши граѓани кои живеат и работат во странство, и кои со работата постигнале голем успех со што ја афирмирале нашата држава, останаа нејасни критериумите според кои се поделени првите 69 Мкарти.
Османи демантира дека одлуката кој да добие Мкарта е негова.
Процедурата беше амбасадите ни ги предложија на нас. Значи нема ниту еден кој што сме го избрале, ние сме го предложиле како МНР, туку амбасадорите врз основа на нивните проценки, рече османи.
Од МВР појаснуваат дека на лицето што поседува Мкарта, му се дава приоритет при влез во Македонија, а евидентирањето се врши врз основа на пасошот.
Според нашите евиденции досега не е поминато ниту едно лице со споменатиот документ – МКарта, соопштија од министерството за внатрешни работи.
Освен на скопскиот, Мкарта за нашите иселеници важи и на аеродромот во Охрид. Во рамките на потпишаниот меморандум за соработка меѓу МНР и Министерството за култура е предвидено на носителите на Мкарта да им се овозможи слободен влез во националните установи од областа на културата и следење на нивните програмски содржини.
Сотир Трајков