Претседателот на ССМ Дарко Димовски вели дека нема да дозволат напад врз синдикалниот лидер на „Водовод“, откако него му беше изречено отказно решение од страна на в.д. директорот на јавното претпријатие Марјан Митовски.
– Денеска, сите ние сме Стојанче Кашиковски, нападот на еден од нас е напад на сите нас, како синдикалци и синдикати наша должност е кога некој се служи со секакви средства, нечесни, незаконски, нечовечки, недемократски да спречи синдикална активност, да врши притисок врз првиот синдикалец за другите да му се плашат, да застанеме и да се бориме заедно, пишува синдикалниот лидер.
Од ССМ деновиве излегоа со став дека разрешувањето на Кашиковски од работното место во Водовод е назаконско и спротивно на Законот за колективен договор според кој на лидер на синдикална организација не може да му биде даден отказ. Уште повеќе што во моментов има и донесена одлука за штрајк.
– Чесната синдикалната борба е препознаена и од политичари и политички партии со кои ние синдикалците и синдикатите не секогаш имаме исти ставови и гледишта за решавање на работничките проблеми, но сите заедно сметаме дека синдикатите мора и треба да бидат гласни во нивната борба, а никој не смее да врши присила и уцена спротивна на слободата на синдикалното здружување пропишана во Конвенциите на МОТ”, додава Димовски.
Изминатиот период вработените во ова јавно претпријатие се пожалија дека врз нив в.д. директорот кој го постави градоначалничката Арсовска врши притисоци, испраќа закани со бркање од работното место, и заплашување. Побараа од Арсовска да биде разрешен но таа остана глува на нивниот повик. Меѓувреме тече рокот за медијација во преговорите, а синтикалците најавија дека по истекот на десетте работни дена колку што се предвидени за овој чекор, доколку не добијат одговор на нивното барање ќе отпочнат со штрајк.